Јаневска: Очекувам учебната година да почне со минимални проблеми
- Радикални промени ќе има, но тие ќе бидат видливи откако ќе бидат спроведени. Во МОН почнуваме со бројни отворени фронтови, но на сите нив со чекор по чекор постапки, кои ќе доведат до сериозни промени и кои на крајот ќе дадат позитивен ефект, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Скопје, 8 август 2024 (МИА) – Радикални промени ќе има, но тие ќе бидат видливи откако ќе бидат спроведени. Во МОН почнуваме со бројни отворени фронтови, но на сите нив со чекор по чекор постапки, кои ќе доведат до сериозни промени и кои на крајот ќе дадат позитивен ефект, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во гостување во „Вести плус“ на ТВ Канал 5 вечерва Јаневска рече дека очекува учебната година да почне со минимални проблеми и сѐ друго да биде во ред, освен тоа што ќе нема учебници за странски јазици, како и учебници за етничките заедници во хартиена форма, но поставени на веб-страницата на Бирото за развој на образованието, за што, рече, не е виновна таа и сегашната Влада.
-Најголем дел од нив не се одобрени, работиме интензивно да се одобрат. Но нема да биде сериозен проблем, рече министерката.
Јавната расправа за доставување забелешки за наставните планови и програми за седмо, осмо и деветто одделение ќе трае, рече, подолго поради одморите, а откако ќе се соберат сите сугестии и забелешки ќе почне креирањето на нови наставни планови и програми за одделенијата од последната третина во основното образование за кои е одложена примената на концепцијата.
-После тоа ќе се навратиме и на наставните планови и програми и на претходните одделенија затоа што сакаме да има нови изборни предмети, многу други наставни и воннаставни активности, но тоа ќе се одвива без големи турбуленции и проблеми кои би се појавиле во наставата. Така што, во следните неколку години сметам дека целото основно образование ќе го заокружиме. Бидејќи ги слушаме и чинителите кои треба да ги чуеме, се надевам дека тоа ќе потрае и ќе даде добар резултат, истакна министерката.
На прашањето дали би имплементирале во учебниците нешто што е договорено од Македонско-бугарската комисија за историски прашања, чија работа е подолг период во застој, Јаневска одговори дека прво треба да се видат препораките затоа што, рече, „ние ништо официјално досега не сме добиле“.
-Верувам дека нашиот дел од таа комисија ќе знае да ги заштити нашиот национален идентитет и јазикот, нашите државни интереси и, доколку во таков случај има некакви препораки – да, би можело да се имплементира. Но, повторно ќе кажам, во учебник – тоа е посебна категорија на книга, влегува научна вистина, не политичка вистина, и доколку комисијата се придржува и на науката и е заеднички став, сметам дека во иднина би можело да се имплементира и во учебниците, рече Јаневска во интервјуто.
Во однос на тоа кога би требало да се воведе сексуално образование и родови теми како што е родовиот идентитет, министерката рече дека децата треба „на соодветна возраст да добијат соодветни информации, кога тие можат да ги восприемат така како што треба“.
Смета дека не треба да има табу теми, тие да се обработуваат на соодветна возраст, но и дека во образованието има многу други приоритети.
-Во вакво релативно конзервативно општество, обврзно треба да ги прашаме и родителите кога тие мислат дека е соодветно нивните деца да се запознаат со нешто друго освен репродуктивното здравје. Со оглед дека во минатите власти се инсистираше на сеопфатно сексуално образование од најрана возраст, ја видовме бурната реакција на општеството и ние како влада се залагаме сексуалното образование во однос на репродуктивно здравје, заштита од несакана бременост и од полови заболувања, заштита од сексуална агресија, се она што би можеле да воспримат во седмо-осмо одделение, тие ќе си учат во соодветните предмети – Биологија, Граѓанско образование итн., додека на поголема возраст односно во средно училиште не е проблем да се запознаат со постоењето и на други сексуални ориентации. Тоа не треба да биде табу тема, но не треба да биде ни главна тема, бидејќи, како што видовме пред некој ден, нашите деца не знаат да одговорат што е Илинден, рече Јаневска.
Во врска со платите на просветните работници и нејзината денешна изјава дека покачување ќе нема во септември, туку во март идната година за околу 12 отсто, министерката во интервјуто побара разбирање од наставниците нагласувајќи дека тие заслужуваат подобро.
-Ги замолувам дека мора да бидеме реални, ние немаме дупка, туку имаме кратер во буџетот. Мора прво да направиме продукција на пари, односно бизнис кој ќе го полни буџетот за да можеме да ја покачиме платата... Заслужуваат подобро и треба да очекуваат подобро, за тоа треба да и возвратат на земјата и на учениците, се што можам максимално ќе направам. Според Општиот колективен договор, тие во март треба да добијат покачување на платата и ќе си го добијат тоа покачување, рече Јаневска.
Како што рече, колективните договори од претходната власт биле потпишувани од популистички причини и пред избори „со цел да се добијат гласови без да се води сметка за стопанството и дали државата може да го поднесе тој товар“. хс/цр
Фото: МИА архива / принтскрин „Вести плус“