• среда, 25 декември 2024

Јаневска: Учебници ќе има за сите предмети, освен за странски јазик

Јаневска: Учебници ќе има за сите предмети, освен за странски јазик

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Министерската за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека од прво во деветто одделение за престојната училишна година учебници ќе има за сите одделенија, освен за странските јазици. Додаде дека во моментов се печатат стотици илјади учебници, дел од нив се дистрибуирани, а за дел ќе почне диструбицијата, откако ќе излезат во печат и нагласи оти од следната година ќе има и учебници за странски јазик.

- Учебници ќе има за сите одделенија. Нагласувам како и многу години наназад, за жал, не по моја вина, затоа што постапката е сѐ уште во одредени процедури, нема да има учебници за странски јазици. Но, учебници за странски јазици ќе има догодина и нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Бирото за образование, а бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали, ќе можат да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик - именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа, додаде Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за време на увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.

Таа потврди дека учебниците за седмо одделение ќе се печатат по стара програма.

- Да, за седмо се печатат по стара програма затоа што ние новите програми ги ставивме на јавна расправа. На јавна расправа и за седмо и за осмо одделение. Поради големото незадоволство од сите чинители во образованието, ги ставивме на јавна расправа за да можеме да ги усвоиме забелешките, кои ги имаат генерално наставниците, но и родителите, за да ја направиме програмата поприфатлива за учениците, па и за наставниците оти тие се оние кои ги поучуваат учениците, појасни министерката.

Кога ќе заврши јавната распава, додаде таа, Бирото за развој на образование ќе пристапи на подготовка на коригираната нова програма.

- Коригираната програма од концепцијата, така како што ветивме, со тоа што најзначајниот дел ќе биде одделување на предметите за кои имаше и бурна дискусија и експлицитно барање дека треба да бидат одвоени и тоа ќе биде направено, рече таа.

Прашана за учебниците за средно стручно образование министерката изјави дека целата едиција за прва година е во печат и сите одобрени учебници за втора година.

- Значи, процесот не бил завршен за втора, трета и четврта, но, ние ќе го интензивираме и како ќе бидат одобрувани учебниците, така преку цела година ќе влегуваат во печат. Нема потреба ние да чекаме, затоа што имаме рамковна спогодба со печатницата, доколку заврши таа можеме веднаш да објавиме нов тендер и да почнеме со подготовка за учебниците за следната година, додаде Јаневска. бд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан