• недела, 24 ноември 2024

Јаневска: Образованите асистенти постепено се комплетираат во основните училишта, најрано во јануари и во средните училишта

Јаневска: Образованите асистенти постепено се комплетираат во основните училишта, најрано во јануари и во средните училишта

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром веќе работат 12 образовни асистенти за 15 деца со посебни потреби, а раководството очекува за некој ден да се докомплетира тимот.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, договори со образовни асистенти се потпишуваат и денеска, што значи, како што изјави, во следните денови асистентите постепено навлегуваат во училиштата.

- Повеќе пати кажав дека ова што се случуваше годинава е одраз на чекањето на  ребалансот на Буџетот и на релативното работење на училиштата на различни начини. Но, ресурсниот центар „Златан Сремец“ кој ја покрива оваа територија успешно го привршува процесот, денес во училиштево, а верувам и во другите има образовни асистенти, изјави министерката Јаневска, откако со в.д.градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски поделија таблети на четвртоодделенци од училиштето.   

Јаневска повтори дека се работи на системско решение  за ангажманот на  образованите асистенти и оти со новите закони за основно, средно и средно стручно образование ќе се определи рок во кој ќе биде завршена целата постапка што ќе треба да биде готова до јуни.

Големата новина, рече Јаневска, е што обезбедуваме асистенти и за средните училишта, што досега не беше случај, а исто така и тоа што асистентите ќе го следат ученикот во целиот негов образован процес освен ако не престане потребата за асистент, ако асистентот одлучи  да се исклучи од овој процес или на силно инсистирање на родителите кои ќе сметаат дека нивното дете би можело да постигне подобар успех со друг  асистент бидејќи понекогаш е неопходна промена на асистент.

Очекува образовни асистенти во средите учичишта да има најрано во јануари 2025 година. 

- Законот многу  скоро ќе биде ставен на јавна расправа, таа треба да заврши, па да помине на Влада, да се поднесе во Собрание. Многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа, сите ќе можат да го видат и ќе можат и да реагираат ако имаат забелешки на некои членови, рече Јаневска.

Најавата за законска рамка за дуалното образование, како што појасни, ќе биде со Законот за средно стручно обарзование.

  - Почнуваме шест закони што се меѓусебно поврзани - закон за основно, за средно, за средно стручно  образование, за образование на возрасни и закон за национална рамка на квалификации. Го додаваме и законот за учебници за да може проблемот да биде решен и да почнеме на мир следната година. Се надевам дека во октомври тој процес ќе биде завршен. Работиме на уште шест нови закони кои исто така треба брзо да се донесат - закон за наставници, за педагошка служба, за Државен испитен центар, работиме и на законот за високо обарзование.  Во МОН не чека тешка и долга зима, но ние продолжуваме со исто темпо, изјави Јаневска. лв/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан