• среда, 25 декември 2024

Јаневска: На 1 септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети за основците, со исклучок на странските јазици

Јаневска: На 1 септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети за основците, со исклучок на странските јазици

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Освен учебниците по странски јазици, кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на 1 септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Како што соопшти МОН, во утринската програма на Канал 5 ТВ, таа соопшти дека дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и, според договорот со печатницата, на 1 септември треба да бидат во училиштата.

-За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои  учениците ќе можат да ги користат, рече Јаневска.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе се обрати на промоција на новиот Информациски систем за управување со образованието, кој вклучува и нов електронски дневник. 

Таа додаде дека се работи на враќање на Историја како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење. Како што рече, на часовите по Историја се учат факти за случувања и личности, но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава „и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем“.

Информираше дека со Министерството за култура и со Бирото за развој на образованието се дискутира за можностите за поддршка на домашни анимирани серии, филмови и едукативни емисии соодветни на возраста на учениците, како и сликовници и книги за успешни личности, за географски локалитети и слично, кои би можеле да бидат дел од формалниот воспитно-образовен процес.

Во однос на предучилишното образование, кое треба да премине под надлежност на Министерството за образование и наука, Јаневска посочи дека Владата „прави сериозни напори за да обезбеди услови за што повеќе деца да влезат во градинките и да стекнуваат знаења кои се добра подготовка пред вклучување во училишното образование“.

-Потребно е време и средства за состојбите значително да се подобрат. Гледате дека се градат нови капацитети. Општините добиваат големи парични средства и очекувам дека со дел од истите ќе предвидат и изградба на нови градинки, додаде министерката. хс/ац/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан