• среда, 27 ноември 2024

Јаневска на тркалезна маса во Корча ја изразила загриженоста од иселувањето на Македонците од Пустец и се помалиот број ученици

Јаневска на тркалезна маса во Корча ја изразила загриженоста од иселувањето на Македонците од Пустец и се помалиот број ученици

Пустец, 13 април 2024 (МИА) - Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, денеска учествуваше на тркалезна маса посветена на образованието, што се одржа во Корча.

Таа заедно со членови на Комисијата на оваа средба учествуваше по покана на претседателот на Партијата на слободата и поранешен албански претседател Илир Мета.

-Големо задоволство беше што денеска на тркалезната маса посветена на образованието одржана  во Корча да присуствува претседателката на Комисијата за образование во ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка  Весна Јаневска, објави Мета на Фејсбук.

Додава дека професорката Јаневска со потполно право го нагласила проблемот со иселувањето на населението, пред се младите, во општина Пустец.

- И покрај високиот потенцијал за развој со кој располага општината, прекрасни природни ресурси, во општината ништо не се прави за да младите останат тука во родното место. Дека младите се помасовно заминуваат потврда е фактот дека во округот Корча, Пустец е со најголем процент на намалување на бројот на првачиња, наведува Мета.

Констатирале  дека Македонците се соочуваат со многу предизвици, при што се согласиле заедно да придонесат во подобрување на условите и  надминување на проблемите со кои се соочува македонското малцинство во Република Албанија.

-Со Партијата на слободата прекрасната македонска заедница ќе го добие вниманието и поддршката што ја заслужува. Со спроведувањето на нашите 5 главни приоритети, Пустец ќе го вратиме во заслужениот сјај и ќе ставиме крај на депопулацијата, ветил Мета.

Како што за МИА информираше Панди Јани, активист за правата на Македонците и член на Партијата на слободата, Јаневска го посетила и музејот во село Глобочани, посветен на еден од најпознатите албански писатели со македонско потекло Стерјо Спасе.

При престојот во Пустец  донирани се книги за училишните библиотеки. 

Во оваа општина на почетокот на учебната година запишани беа 74 основци што е за 13 ученици помалку, додека 15 во гимназијата во Пустец, што е за седум ученици помалку од минатата учебна година. Првпат на ученичка клупа седнаа само 7 првачиња. вт/сст/


Фото: Мета/Јани ФБ


 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан