• среда, 25 декември 2024

Јаневска: Законите од образованието ги носиме демократски и инклузивно, децата имаат право на квалитетно образование

Јаневска: Законите од образованието ги носиме демократски и инклузивно, децата имаат право на квалитетно образование

Скопје, 24 декември 2024 (МИА) -  Пакетот закони од образованието се носи демократски и инклузивно, затоа што наша цел е да ја подобриме регулативата како основа за темелни промени на воспитно-образовниот систем и поквалитетно образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета во  Црешево, општина Гази Баба, по повод почеток на изградба на нова спортска сала во ОУ  „Наум Охридски“, Јаневска посочи дека во комисиската расправа досега се прифатени четири амандмани на опозициската СДСМ и два на Коалицијата Вреди кои, како што рече, „ќе ги подобрат текстовите на законите и се во интерес на учениците“.

Според Јаневска, и повлекувањето на Предлог-законот за средно образование ја покажува „решеноста на Министерството за образование и наука да добиеме закони кои ќе бидат широко прифатени, како одраз на потребите на учениците, наставниците и целото општество“.

-Граѓаните треба да имаат доверба дека Владата и Министерството, како предлагачи на законите, се подготвени да ги ислушаат и прифатат конструктивните предлози од сите засегнати страни, вклучително и опозициските партии, граѓанските организации и јавноста и, конечно, сите заедно да изградиме образование какво што заслужуваат нашите деца, истакна Јаневска. хс/дма/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан