• сабота, 23 ноември 2024

Јаневска: Државата има свои симболи, за нив се учи во училиштата и сите треба да ги почитуваме

Јаневска: Државата има свои симболи, за нив се учи во училиштата и сите треба да ги почитуваме

Скопје, 6 јули 2024 (МИА) - Државата има свои симболи – химна, знаме, а јас би рекла и заеднички јазик кој треба да биде средство за комуникација и подобро разбирање. За жал, ни се случува деца да не можат да се разберат меѓу себе. А ако не се разбираат, тогаш не можат да споделуваат заеднички живот, заеднички радости, успеси, па и заедничка тага. Тоа не треба да биде така, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

- Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други етникуми кои живеат тука. Интенцијата на Владата е сите да сме рамноправни и да ја чувствуваме како своја земја. Апелирам, наместо поединци да се занимаваат со работи кои можеби некого иритираат или повредуваат, да направиме консензус и заеднички да работиме за подобро образование, здравство, економија, туризам и така натаму, рече Јаневска во телевизиско интервју одговарајќи на прашањето дали е исправна одлуката на советот на општина Велес за наставата во училиштата од први септември да започнува со интонирање на македонската химна. 

Министерката за образование Јаневска потенцира дека со импровизации не може да се обезбеди квалитетно образование и оти затоа ни е потребен стабилен систем кој нема да се менува на неколку години, со секоја промена на Влада или на министер.

-За жал, и јас се наоѓам во ситуација кога треба да правам итни промени, во насока на обезбедување непречен воспитно образовен процес. Тоа некако страшно звучи меѓу граѓаните кои сосема оправдано имаат страв кога ќе се спомене реформа. Но, ветувам дека во иднина ништо нема да биде направено на сила и без консултации со засегнатите чинители на образовниот систем, рече Јаневска во емисијата „Магазин“ на ТВ Вистел. 

Министерката кажа и дека деновиве потпишува исплата на финансиска помош за учениците од социјално ранливите категории, за јануари, февруари и март, што не било исплатено од Минатата Влада не им ги исплатила. 

- Не ми е јасно зошто, кога имало доволно средства на соодветната ставка. Ова е едноставен пример до каде отишла неодговорноста кон граѓаните, рече Јаневска, додавајќи дека има многу проблеми од ваква природа кои се наталожиле низ годините наназад, а всушност можеле да бидат одбегнати.

Посочи дека меѓу клучните приоритети е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни програми, а се осврна и на грижата кон наставниците и на подигнувањето на степенот на инклузија во образованието. ев/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан