• четврток, 02 јануари 2025

Јаневска: Албанската азбука е помошен материјал во училиштата и нема пречки и понатаму да се користи

Јаневска: Албанската азбука е помошен материјал во училиштата и нема пречки и понатаму да се користи

Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба се додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Албанската азбука која ја одобри поранешниот министер Јетон Шеќири е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, во одговор на новинарско прашање за обвинението на ДУИ дека е донесен закон со кој албанската азбука не може да се употребува во училиштата.

Јаневска рече дека дидактичките материјали остануваат во употреба, во моментот не се во план да донесат нова поинаква одлука.

-Ниту еден закон не важи ретроградно. Тоа ДУИ би требало многу добро да го знае, бидејќи имаат 20 годишно искуство. Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба се додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Министерот Јетон Шаќири заедно со Бирото за развој на образованието ја одобриле албанската азбука како помошен материјал. Тоа не е учебник. Надвор од оваа земја не знам што е. Во оваа земја е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави Јаневска која денеска беше во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово.

Вчера Демократската унија за интеграција (ДУИ) во соопштение до јавноста го осуди усвојување на Законот во Собранието, предложен од Министерството за образование, со кој сметаат дека се „забранува употребата на Националниот буквар – значаен симбол на албанскиот јазик и идентитет, кој го користат сите Албанци низ светот“.

На новинарско прашање во врска со капиталните инвестиции во училиштата, Јаневска посочи дека во 2025 година влегуваат со големи капитални објекти, при што побарале продолжување на кредит кој веќе го има од Светска Банка.

-Во 2025 година влегуваме со големи капитални објекти, за кои ќе ни бидат неопходни многу средства. Поради тоа, Министерството за образование и Владата побаравме продолжување на кредит кој веќе го има од Светска Банка. Како ќе бидат одобрувани кредитите, така ние ќе инвестираме, но планираме многу да ивестираме, насекаде во државата и особено многу да инвестираме во регионалните центри, во целодневна и едносменска настава. Тоа е предуслов за да го подобриме квалитетот на образованието во државата, додаде Јаневска. бт/лв/

Фото: принтскрин

Остани поврзан