• недела, 23 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јандроковиќ на средба со претставници на хрватската заедница во Северна Македонија

Јандроковиќ на средба со претставници на хрватската заедница во Северна Македонија

Скопје, 6 март 2025 (МИА) - Во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ во хрватската Амбасада во Скопје се сретнал со претставници на хрватската заедница во земјава, која ја сочинуваат пет здруженија.

Како што се наведува во соопштението од хрватскиот Сабор, претставниците на македонските Хрвати го информираа претседателот на Саборот, Јандроковиќ, за проекти насочени кон зачувување на хрватскиот јазик, националната историја и културно наследство, како и за негување на хрватскиот национален идентитет.

-Тие се осврнаа на прашања од областа на образованието, културата и медиумското претставување, вклучително и предизвиците со кои се соочуваат. Напоменувајќи ја досегашната поддршка од македонската страна во реализацијата на одредени проекти, тие ги посочија и предностите што ќе им ги донесе вклучувањето на хрватската национална заедница во Уставот на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Претседателот Јандроковиќ изјавил дека Република Хрватска е многу посветена на зачувување на културното, јазичното и образовното наследство на Хрватите во Северна Македонија. Тој ја истакнал важноста од континуирано инвестирање во односот меѓу хрватската дијаспора и татковината, што хрватскиот Сабор го прави, меѓу другото, преку работата на Одборот за Хрвати во странство и Одборот за надворешна политика, во тесна соработка со Централната државна канцеларија за Хрвати во странство и Министерството за надворешни и европски работи.

Во рамки на официјалната посета на земјава, спикерот Јандроковиќ се сретна со неговиот домаќин, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, а одржа и говор на свечената седница на Собранието. 

За време на посетата, тој оствари одвоени средби и со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски и со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.

Предвидено е попладне тој да се сретне и со членовите на Хрватскиот бизнис клуб во Северна Македонија, односно со претставници на хрватски компании кои работат во таа земја. вг/ев/

Фото: Сабор на Република Хрватска

 

Остани поврзан