• вторник, 24 декември 2024

Јамајка прогласи вонредна состојба во јужниот дел на земјата

Јамајка прогласи вонредна состојба во јужниот дел на земјата

Кингстон, 15 август 2024 (МИА) - Јамајканскиот премиер, Ендрју Холнес прогласи вонредна состојба во јужната парохија Кларендон во оваа карипска земја, објавија британските медиуми. Причината се одвоени вооружени напади во неделата вечерта, во кои загинаа осум лица, меѓу кои и седумгодишно момче.

-Ова е можност за владата целосно да се мобилизира за да се фокусира многу сериозно на бандите. Не можеме да дозволиме убиствата да станат нормални во нашата земја, рече Холнес на прес-конференција во неговата канцеларија.

Премиерот не даде детали за тоа какви прописи ќе бидат издадени, но обично тие може да вклучуваат ноќен полициски час, подолги периоди на притвор без обвинение и можност полицијата да пребарува имот без налог, објавија британските медиуми.

Холнес се надева дека мерката ќе спречи убиства од одмазда и рече дека разузнавачките служби предупредиле дека постои „многу голема веројатност“ за обиди за одмазда.

-Досега пет лица се уапсени во врска со пукотниците во неделата, рече Холнес.

Според студијата „Insight Crime“, Јамајка имаше втора највисока стапка на насилни смртни случаи во регионот на Латинска Америка и Карибите минатата година, со 60,9 убиства на 100.000 луѓе, втор само по малата островска држава Сент Китс и Невис.

Холнес истакна дека иако бројот на банди за кои се верува дека дејствуваат во земјата паднал од 400 на 185 за пет години, бројките останале „многу големи“.

Карипската заедница (CARICOM) се обидува да се справи со зголеменото вооружено насилство преку зајакнување на спроведувањето на законот и запирање на увозот на нелегално огнено оружје.

Според владата во Вашингтон, околу 87 отсто од оружјето што се трага на Карибите доаѓа од САД. Соединетите Држави ги советуваат своите граѓани да го преиспитаат патувањето во Јамајка поради криминал и да го избегнуваат Кларендон, означувајќи ја парохијата како „надвор од границите“ за персоналот на амбасадата. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан