• среда, 18 декември 2024

Јакимовски ја повикува министерката Јаневска да разговараат за недоволниот буџет за училиштата во Карпош

Јакимовски ја повикува министерката Јаневска да разговараат за недоволниот буџет за училиштата во Карпош

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) -  Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски јавно и се извинува на министерката за образование Весна Јаневска затоа што вчера ја нарекол „северџанка“, и истовремено ја повикува на средба за да ги разгледаат можностите за решавање на проблемот со  долговите за греење на училиштата во Карпош.

Општина Карпош информира за изјава на Јакимовски кој рекол дека има високо мислење за Јаневска, но дека мора да разговараат за проблемите што општината ги има со недоволен буџет. 

-Имам високо мислење за госпоѓата Јаневска. Јавно и се извинувам за тоа што ја нареков „северџанка“. Мислам дека госпоѓата не го заслужува тоа. Но, ние мораме да разговараме. Не можеме да кажеме „ние сме ги исплатиме парите, а општината треба да знае да менаџира со нив“. Замолувам за наредниот буџет да се расчистат овие работи. Станува збор за околу 16 милиони денари, токму тие пари ни недостасуваат. Минатата година плативме 6 милиони денари, годинава имаме 8,3 милиони денари за греење. Тоа се големи пари за локалната самоуправа. Од друга страна, имаме општини кои се бањаат со пари. Замислете општина Желино ќе финансира академија на науки и уметности, изјавил Јакимовски. 

Како што рекиол, жали што „се препукуваат во јавност“ и дека вистинскиот одговор е: „да, има помалку средства за училиштата во Карпош, ама се надеваме со наредниот буџет дека тие средства ќе се контрибуираат за да се платат тие сметки“.

-Во спротивно, треба да се фрлиме на штедење. Со задоволство би сакал да се видам со министерката. Таа е релативно кратко во тоа министерство. Знам дека има многу проблеми. Има преку 400 училишта. Но, сите како општество треба да видиме што можеме да направиме за да обезбедиме услови за нормално функционирање на училиштата во општината, изјавил градоначалникот Јакимовски. хс/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан