• четврток, 26 декември 2024

Јакимовски: Реонизацијата во училиштата во Карпош ќе биде во корист на сите ученици

Јакимовски: Реонизацијата во училиштата во Карпош ќе биде во корист на сите ученици

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - Почнувајќи од денеска официјално во тек е уписот на првачиња во основните училишта во Карпош за учебната 2023/2024 година, кој ќе биде отворен до крајот на месецот. Советот на Општина Карпош донесе одлука за нова реонизација, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

-Според списокот на МВР евидентирани се околу 720 дечиња кои треба да се запишат во прво одделение, а според евиденцијата на детските градинки во Карпош, догодина треба да се запишат околу 615 деца. Овде треба да се земат предвид и децата кои посетуваат приватни градинки, како и дечиња кои не се запишани во предучилишните установи, изјави Јакимовски.

Тој посочи дека одредени училишта се соочуваат со сериозен проблем бидејќи има поголем број на ученици кои треба да посетуваат настава дури и во три смени.

- Од друга страна имаме училишта кои немаат доволен број на основци, а сето тоа е благодарение на предрасуди кај родителите за да не се користат одредени школски установи, додека пак имаме притисок кон другите училишта. Токму во ООУ „Владо Тасевски“ во населбата Козле постои голем притисок за упис на првачиња, така што во оваа установа имаме 1.010 ученици. Од тие причини, Советот на Општина Карпош донесе одлука за нова реонизација, според која основците кои се запишуваат во прво одделение, а живеат на локацијата од ул.„Рузвелтова“ до ул. „Брадфордска“ ќе учат во ООУ „Војдан Чернодрински“, рече Јакимовски.

Тој појасни дека основците од населбата Долно и Средно Нерези, како и од населеното место Тафталиџе, ќе посетуваат настава во ООУ „Братство“, односно реонизацијата почнува од пред влезот на фабриката „Реплек“. Додаде дека оваа одлука никој не смее да ја прекрши. 

Според него, процесот на реонизација е од интерес на сите ученици бидејќи целта е подобри услови за едукација. мд/са/

Фото: Општина Карпош 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан