• четврток, 26 декември 2024

Јакимовски: Планот е направен на најдемократски начин, согласно Генералниот урбанистички план

Јакимовски: Планот е направен на најдемократски начин, согласно Генералниот урбанистички план

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, на денешната прес-конференција која ја одржа пред општината нагласи дека планот за сообраќајницата спроти студентскиот дом Гоце Делчев и спроти трговскиот центар Олимпико е направен на најдемократски начин, согласно Генералниот урбанистички план.

Јакимовски го отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека со изградбата на улицата ќе наштети на околните објекти, посочувајќи дека сите барања на граѓаните биле испочитувани и тие биле викнати повторно на состанок за да потврдат дали е се според нивните барања. 

-Наводно јас ќе направам улица со која  ќе го срушам шеталиштето кое што јас сум го направил, ќе ја срушам фонтаната која што јас сум ја направил, ќе ги срушам дрворедите, клупите и се останато кое јас сум го направил, изјави Јакимоски и го искажа неговиот став дека се работи за улици направени согласно Генералниот урбанистички план.

Јакимовски, меѓу другото, појасни дека поради вчерашниот инцидент на кој, како што кажа, нивна колешка два пати била удрена, тој ги повлекол сите точки од дневниот ред на седницата на Советот на Општина Карпош.

-Како искусен политичар сакав да го избегнам ова сценарио кое што беше многу слично со „Шамарите во Центар“, но таму нивните членови беа надвор, а тука, нивните членови и со заведени граѓани беа внатре и можеше да настане општ хаос кој што многу ќе не потсетуваше на 27 април, истакна Јакимовски и додаде дека сакајќи да избегне евентуални физички пресметки по кои би следувале истраги, притвори и така натаму, и со цел да ги заштити дигнитетот и угледот на општината, како и тие граѓани кои дошле, советниците и вработените, ги повлекол точките од дневен ред.

Прашан дали причината за вчерашниот инцидент е неговата изјава пред ВМРО-ДПМНЕ од пред неколку дена, Јакимовски истакна дека и тоа е дел, но според него, како што рече, Христијан Мицкоски има потреба да покаже активност, и тоа го прави пред опозицијата, односно со протести пред Општина Карпош.

-Христијан Мицкоски место да организира протести пред Владата, тој организира протести кај опозицијата и тоа за измислен проблем, рече Јакимовски и додаде дека за улица која што ја проектирал Коце Трајановски, ја потврдил Миле Јанакиевски, него го обвинуваат.

Тој истакна дека очигледно на Мицкоски му пречи прашањето за хидроцентралите, а прашањето според него е многу едноставно, само да каже на колку години ја направил првата хидроцентрала.

 -Ако каже, ќе видите дека му е батко на Дрин Ахмети, дека не е многу постар од него, рече Јакимовски.

Јакимовски нагласи дека планот е направен на најдемократски начин, согласно Генералниот урбанистички план, а точките од дневниот ред биле повлечени за да се избегнат евентуални физички пресметки по сценарио слично на „шамарите во Центар“. сан/аа/

 

Остани поврзан