• четврток, 26 декември 2024

Јакимовски: Мојата мисија е поголем дигнитет и почит за Македонија и за граѓаните

Јакимовски: Мојата мисија е поголем дигнитет и почит за Македонија и за граѓаните

Крушево, 6 април 2024 (МИА) - Јакнење на улогата на Македонија во НАТО-структурите и во Европската Унија и повеќе почит за Македонија и за нејзините граѓани, изјави пред Македониумот кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски преи денешниот престој во Крушево. Со тоа Јакимовски ги истакна  своите заложби за надворешната политика во која нагласи дека Македонија ќе чека за членство во ЕУ до 2030 година.

-Во надворешната политика, се разбира, поддршка на Македонија и понатаму и јакнење на улогата на Македонија во НАТО-структурите, во рамките на Европската Унија. Мојата мисија би била да се дигне дигнитетот на Република Македонија, она што бараме е само малку повеќе почит за Македонија и за граѓаните и она што мора да ѝ го соопштиме на Европската Унија е дека ние сме подготвени да чекаме пред вратата на Европската Унија до 2030 година, а потоа не сме подготвени. До каде сме стигнале, толку е, а натаму ќе си бараме решенија за сите проблеми на нашите сограѓани, особено за економските проблеми што ги има Република Македонија, изјави Јакимовски.

Претседателскиот кандидат лидер на партијата ГРОМ ја осудува изјавата на кандидатот Максим Димитриевски дадена пред Македониумот во Крушево за промена на Уставот и вметнување на Бугарите во највисокиот законски акт во државата.

-Со изјавата за вметнување на Бугарите во Уставот со дејство кое ќе биде одложено, Максим Димитриевски влегува од скриена во отворена коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е истиот став што го има ВМРО-ДПМНЕ. Чудно е што таа изјава Димитриевски ја дава од пред Македониумот во Крушево, од најсветото македонско место за да нѐ понижи нас, Македонците. Таква изјава се дава во Софија, каде ќе го почестат. Треба да знае дека Бугарите се тие кои не им пружиле помош на Македонија и на востаниците. Жал ми е што бројот на тие таканаречени европски ориентирани политичари се зголемува. Јас и мојата партија ГРОМ не сме подготвени да ги предадеме Република Македонија и овие граѓани, без разлика дали ќе дојдеме на власт или не. Ова е свето место, треба да го чуваме и не можеме да дозволиме понатаму Македонците да бидат понижувани и не треба поддршка да добиваат политичари кои се трудат на секаков начин да го понижат македонскиот народ, а со тоа да овозможиме иселување на нашите млади луѓе, рече претседатерлскиот кандидат Стевче Јакимовски во Крушево. ем/хс/ 

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан