• сабота, 16 ноември 2024

Јакимовски: Во февруари за сите десет училишта од МОН се добиени два милиони денари, а само за едно училиште сметката е околу 540 илјади денари

Јакимовски: Во февруари за сите десет училишта од МОН се добиени два милиони денари, а само за едно училиште сметката е околу 540 илјади денари

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) – Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, денеска повторно го повика Министерството за образование и наука да ја исполни законската обврска и целосно да ги исплати трошоците за греење на десетте училишта во Општината. 

Според Јакимовски, МОН не обезбедило доволно средства за функционирање на училиштата во Општина Карпош, за што, вели одговорност е на министерката за образование и наука Весна Јаневска тоа да го направи. Минатата година, посочи, за греење во училиштата Општината платила шест милиони денари, додека оваа година нема да плати 8 милиони и 300 илјади денари.

— Сите обврски за функционирање на училиштата, тоа значи трошоци за електрична енергија, водоснабдување, ѓубретарина и тн. се надлежност на Министерството за образование и наука, а тоа што МОН не предвидело доволно пари од буџетот за училиштата во Општина Карпош е исклучиво одговорност на министерката. Не знам зошто ја префрла топката кај локалната самоуправа, прозивајќи ме мене дека „сум можел да се снајдам“. Овде не е потребно снаоѓање, овде е потребно министерката за образование да ги обезбеди парите за децата да можат да имаат нормално затоплување како сите деца во светот, изјави Јакимовски.

Ова доаѓа по денешната изјава на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која во одговор на новинарско прашање за долгот на училиштата во Општина Карпош, вели дека „тој е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.

– Министерката ме учи мене како да ги менаџирам парите. Парите што ми ги дала се префрлени кај училиштата, што да менаџирам? Доброволно се јавувам да одам на часови кај министерката „северџанка“ да ми објасни како да ги изменаџирам парите. Просто е, училиштата потрошиле десет банки, а таа дала две банки, вели Јакимовски.

Во месец февруари, додаде, Општината добила вкупно два милиони денари, односно по 200 илјади денари за секое училиште, а како што рече, за едно училиште сметката е околу 540 илјади денари.

– Во февруари месец за сите училишта е добиено вкупно два милиони денари, односно десет училишта по 200 илјади денари, а само за едно училиште сметката е околу 540 илјади денари. Како да го подмириме остатокот? Ако е моја обврска Општината да го плаќа затоплувањето, зошто тогаш Министерството дава пари, а ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за греење, тогаш зошто бара и Општината да дава пари за греење и зошто останатите општини не го трошат буџетот за греење, туку тоа мора да го прави само Општина Карпош, дециден беше Јакимовски.

За да се намалат трошоците во училиштата, додаде, реконструирани се сите училишта во општината.

– Општина Карпош презела се за да ги намали трошоците во училиштата, сите училишта се реконструирани, на сите училишта се ставени фасади, на сите училишта им се сменети прозорите, со трослојни стакла, сменети се и крововите на кои ставаме изолации. Во најголем дел од училиштата сме поставиле веќе фотоволтаици, тоа е исто така обврска на МОН, но ние сме вложиле и сме го направиле за да се намалат трошоците за греење, електрична енергија. И така намалените трошоци МОН не си ги плаќа, рече градоначалникот. ра/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан