• четврток, 26 декември 2024

Јаир Лапид привремен премиер на Израел пред петтите избори во три години

Јаир Лапид привремен премиер на Израел пред петтите избори во три години
Ерусалим, 1 јули 2022 (МИА) - Јаир Лапид стана привремен премиер на Израел, откако Парламентот вчера гласаше да се самораспушти, активирајќи ги петтите избори во земјата за нешто повеќе од три години. Министерот за надворешни работи и ветеран лидер на центристичката партија ја презеде функцијата на полноќ и ќе ја предводи земјата пред изборите, закажани за 1 ноември. Тој ја презеде должноста од Нафтали Бенет, кој, како што самиот се изјасни, нема да се кандидира на следното гласање. Тежок пат треба да мине Лапид, за да го победи главниот противник, поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишуваат медиуми повикувајќи се на анкети. Лапид беше архитект на осумпартиската коалициска Влада, што се распадна само по година дена откако беше формирана. Поранешниот автор, колумнист во весник и ТВ водител, ќе биде и првиот премиер на Израел од 2009 година кој поддржува решение за две држави со Палестинците, иако нема да биде во можност да преземе какви било големи иницијативи за време на привремениот мандат. Седумдесет и двегодишниот Нетанјаху, на судења за корупција во низа случаи, се обидува да се врати на премиерското место. На средината на јули, Лапид во Израел ќе го пречека американскиот претседател Џо Бајден, на неговата прва посета на Блискиот Исток, од доаѓањето во Белата куќа. бд/ссм/

Остани поврзан