• вторник, 24 декември 2024

Јавното комунално претпријатие и ЈСП во фокусот на средбата помеѓу Арсовска и владата, се очекува таа да состави план до крајот на неделава (ДПЛ)

Јавното комунално претпријатие и ЈСП во фокусот на средбата помеѓу Арсовска и владата, се очекува таа да состави план до крајот на неделава (ДПЛ)

Скопје, 19 август 2024 (МИА) – Јавното комунално претпријатие и Јавното сообраќајно претпријатие биле во фокусот на денешната средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Исходот од средбата, како што информираше министерот, било градоначалничката до крајот на оваа недела да состави план кој што ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје.

Министерот Перински на прес-конференција по завршување на состанокот изјави дека се позагрижени сега, отколку пред да започне состанокот. 

- Практично можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, отколку пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно, рече министерот.

Дополни дека генерален заклучок е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје и затоа, како што рече, градоначалничката предложила до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред сè ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје.

Министерот Перински рече дека ќе го почекаат предлогот до крајот на неделата и врз основа на тој предлог план ќе носат заклучоци.

- Се надеваме на конструктивност, пред се кон советниците и кон останатите политички чинители на ниво на Град Скопје од нивна страна, ние како влада секако стоиме на располагање ако на некој начин сметаат дека можеме да помогнеме согласно нашите законски ингеренции, потенцираше тој.

Сподели дека од страна на градоначалничката бил аргументиран и фактот дека од претходната влада немаат исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП, и според нив, тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието.

- Согласно ребалансот, оваа влада го сервисира долгот на јавното претпријатието во делот на кредитната линија за набавка на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање пред сè на вработените во Град Скопје, пред сè во рамките на Советот на Град Скопје, а ние како влада секако стоиме на располагање за се она што можеме во иднина да помогнеме, ќе помогнеме, дополни тој.

Во однос на прашањето дали владата понудила некое решение, Перински одговори дека надлежностите на Градот и на градоначалничката се строго утврдени во Закон.

- Ние како Влада немаме ингеренции во делот на собирање и транспортирање на комуналниот отпад. Тоа е нивна ингеренција. Меѓутоа разочарани сме од менаџментот на претпријатијата, а пред сè од менаџментот од Градот. Ние немаме ниту еден заклучок, во каква состојба се наоѓа комунална хигиена сега. Не знаме со каква механизација, со колку вработени располагаат во моментов. Затоа, мислиме дека е соодветно да го слушнеме планот од страна на Градот пред ние да носиме заклучоци ако Влада, рече тој.

Министерот информираше дека на состанокот не побарале Арсовска да си замине од функцијата градоначалничка на Град Скопје, меѓутоа, рече дека смета дека тоа е едно од решенијата на проблемите.

- Состанокот беше практично во конструктивна насока да видиме дали можеме да ги решиме проблемиве. Ако си замине во моментот јас сметам дека тоа е еден од решенијата на проблемите. Меѓутоа ми треба системско решение. Ние имаме проблем во двете јавни претпријатија, рече тој.

Во однос на барањето на ЗЕЛС за одземање на ингеренциите на Арсовска, тој рече дека мора да се разгледува на два начина.

- Прво легалистички, согласно Закон, и второ што ќе се случува во пракса. Во моментот како Влада го разгледуваме барањето врз основа на Закон дали согласно Закон може ова да се направи. Второ, дали во пракса ќе го реши проблемот на Скопјани утре. Јас мислам не. Дека за такво нешто, да се влезе во некоја таква авантура, мислам дека ќе треба подолго време за да се донесе некакво подобрување од аспект на хигиената на Скопје, рече министерот.

Прашан дали планира да поднесе пријава против градоначалничката во однос на нејзиното непостапување, тој одговори дека како граѓанин на Скопје да, но не како министр. ар/нд/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан