Јавни обвинители од ОЈО Скопје на работилница за истраги во врска со крипто-валути и електронски докази
- Тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје учествуваа на дводневна стручна работилница за постапување во истрагите за кривични дела со крипто-валути и во кои се користат електронски докази.

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје учествуваа на дводневна стручна работилница за постапување во истрагите за кривични дела со крипто-валути и во кои се користат електронски докази.
Состанокот, како што соопшти денеска Обвинителството, беше организиран од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан (WBCJ), заедно со Европската мрежа за судски компјутерски криминал (EJCN), проектот SIRIUS и проектот CyberSEE, се одржа во Националното обвинителство на Република Полска во Варшава и тоа во период кога во тек е полското претседателство со Европската унија.
-Настанот собра на едно место обвинители и истражители од Западен Балкан за да ги споделат своите искуства, да разговараат за предизвиците и да ја зајакнат севкупната соработка во борбата против компјутерскиот криминал. Дополнително, учесниците можеа да ги слушнат и искуствата на обвинителите од ЕУ специјализирани за ваков тип предмети, се наведува во соопштението.
Сесиите опфатиле широк спектар на теми како што се следење и заплена на крипто-валути, дискусии за тоа како крипто-средствата се користат во онлајн измами и перење пари, како и соработка со давателите на услуги за крипто-валути.
-Во рамките на работилницата, проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан пред органите за спроведување на законот и правосудните органи од Западен Балкан ги презентираше Насоките на Европската мрежа за судски компјутерски криминал во однос на крипто-валутите, како и алатките кои им се достапни на платформата развиена од проектот SIRIUS за истражување на кривични дела од оваа област, соопштија од Обвинителството. дма/
Фото: ЈОРСМ