Јавниот повик за финансиска поддршка од еден милион евра, на кој може да аплицираат компании, кои организираат настани, ќе биде објавен следната недела
- Исклучиво домашни организатори, изведувачи и подизведувачи ќе учествуваат на јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани, за реализација на н
Скопје, 17 април 2021 (МИА) - Исклучиво домашни организатори, изведувачи и подизведувачи ќе учествуваат на јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани, за реализација на настани осмислени од апликантите, на теми избрани од компаниите, а со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија, во периодот јуни – септември 2021.
Ова денеска е договорено на средбата на заменикот-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, со претставници на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), која здружува дел од операторите кои организираат настани.
Како што соопштија од Владата, Битиќи и Забрчанец информирале дека повикот за финансиска поддршка ќе биде објавен во најбрз можен рок, во текот на наредната недела, за вкупен износ од 61 милион и 500 илјади денари, а на него ќе може да аплицираат и да бидат поддржани сите компании кои организираат настани и кои ќе исполнат јасни и прецизни критериуми.
Владините претставници потенцирале дека повикот има цел да обезбеди финансиска поддршка за заживување на економските активности на оваа гранка, а настаните кои ќе бидат поддржани не се дел од официјалните државни настани кои Владата преку засебна програма ќе ги организира за официјално одбележување на 8 септември, Денот на независноста.
На состанокот, како што соопштија од Владата, биле прифатени голем дел од барањата на Асоцијацијата, меѓу кои и тоа компаниите со поголема загуба да добијат повеќе бодови при оценувањето, а ќе можат да аплицираат сите компании со пад на приход поголем од 30 проценти.
Потоа еден подизведувач нема да може да се најде на повеќе од седум пријави за предлог-проекти, со цел да се оневозможи монополизација во делот на подизведувачите, а спортските настани посветени на „30 години независност“ ќе бидат додадени како тип на настани за кои може да се аплицира.
Ќе се обезбеди авансно плаќање од 30+40 отсто пред реализација на настанот, со препорака истото сразмерно да биде распоредено и кај носителите на проектите и кај подизведувачите, за да помогне во ликвидноста на компаниите.
Од Владата појаснуваат дека прифатено е и тоа дека една од областите кои ќе се оценуваат, а се однесува на капацитетот на апликантот за организација на настан, да биде број на вработени или број на хонорарно ангажирани лица, за зголемена конкурентност на компаниите.
-Владата ги информираше претставниците на ИВАП дека не може да го прифати предлогот кој се однесува на создавање конкурентска предност на одредени компании со одредени шифри на дејност, односно вицепремиерот и националниот координатор останаа на принципиелниот став на Владата дека целта на овој јавен повик е да даде можност за поддршка на сите компании кои организираат настани, а кои имаат загуби поради корона кризата, без да се фаворизираа која било компанија и без да се исклучува која било компанија, затоа што тоа не е праведно, ниту правично, се наведува во соопштението на Владата.
Битиќи и Забрчанец ги информирале претставниците на Асоцијацијата дека ќе се оценува секоја апликација поединечно и ќе се бодува според поставените критериуми и согласно тоа, бројот на апликанти нема да влијае врз оценките за секоја индивидуална апликација.
-Тоа значи дека одлуката дали еден предлог проект зависи од оценката на апликацијата за тој проект, а не од тоа колку апликации стигнале на повикот – има доволно буџет за сите кои ќе ги исполнат условите. Владата има обврска да обезбеди можности за сите, а не да исклучува, заклучи Битиќи.
Вицепремиерот информирал дека преку Развојната банка на Република Северна Македонија подготвува нова линија на бескаматни кредити, со грејс период од 12 месеци, а околу еден милион евра се проценува дека ќе бидат наменети за одржување на ликвидноста на компаниите кои организираат настани. Дополнително Битиќи потсети дека Владата обезбеди поддршка и за плати за месеците февруари и март 2021, којашто фирмите ќе ја добијат веднаш штом се усвојат потребните измени за петтиот пакет мерки во Собранието, односно штом се надмине блокадата на опозицијата. бк/ац/