Јавна расправа во Охрид по нацрт-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата
- Јавната расправа ќе се одржи денеска во големата сала на Општина Охрид со почеток во 10 часот. Јавна расправа е закажана и за утре во 10 часот во просториите на Општина Струга.
Охрид, 14 септември 2023 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) заедно со Општинa Охрид денеска ќе одржат јавна расправа по Нацрт-законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III-Споменик на природата.
Јавната расправа ќе се одржи денеска во големата сала на Општина Охрид со почеток во 10 часот. Јавна расправа е закажана и за утре во 10 часот во просториите на Општина Струга.
Актот за прогласување на заштитеното подрачје Охридско Езеро содржи назив на заштитеното подрачје или природната реткост, категорија на заштита за заштитеното подрачје, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје, граници на зоните кои постојат во рамките на заштитеното подрачје, потоа типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита и субјект што ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување.
Нацрт-законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природата е изработен согласно Студијата за валоризација која ги детерминира природните вредности на подрачјето.
Со донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствена природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите. аб/лв/
фото/МИА