• четврток, 26 декември 2024

Јавна презентација во Битола „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“

Јавна презентација во Битола „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“

Битола, 26 февруари 2024 (МИА) - Евротинк – Центар за европски стратегии приреди јавна презентација на истражувачки резултати во рамки на проектот „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“ кој се реализира во планските региони во земјава.

Според Александар Стојановски, постар истражувач и проектен координатор во Евротинк – Центар за европски стратегии, мониторинот на работата на МВР и пристапот на медиумите, односно известувањата во јавност во 2022 година покажале голема промена во зачестеноста на бројот на превентивни информации.

-Нашето истражување покажа дека порано МВР не ставал акцент на пренесувањето на превентивни информации. Погледнавме десет национални радиодифузери, телевизии, електронски медиуми и радиостаници кои што имаат алатка за пребарување и забележавме дека медиумите пренесуваат информации за превентивна работа на полицијата, и дека има некоја синергија меѓу луѓето во полицијата што работат на превенција и медиумските куќи што ја разбираат важноста на овие информации, посочи Стојановски.

На презентацијата во Битола „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“ беше посочено дека во преден план треба да биде ставена и подобрена бројноста на информации со сервисен карактер.

-Во текот на 2022 година има недоволен број на информации пласирани кон јавноста поврзани со управните работи на министерството, односно со документите. Граѓаните сметаат дека може да добиваат поквалитетни информации поврзани со управните работи во надлежност на МВР, нагласи Стојановски.

Со организацијата на јавните настани во планските региони низ земјава, Евротинк пред себе постави задача да се формира платформа за дијалог меѓу полицијата, локалната самоуправа, медиумите, граѓански организации и граѓани, беше речено на денешните „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“ во Битола. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан