• вторник, 12 ноември 2024

Јавна дебата за месецот против ракот на дојката, раното откривање може да спаси живот

Јавна дебата за месецот против ракот на дојката, раното откривање може да спаси живот

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Посветено се работи на унапредувањето на овој сегмент на здравството како и до полесен пристап до превентивните и навремени прегледи, имајќи предвид дека раното откривање може да спаси живот, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити при неговото обраќање на денешната Јавна дебата за одбележување на октомври месец кој е посветен на борбата против ракот на дојка, насловена „Дами, проверете се!“.

Меџити, во Јавната дебата организирана од страна на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, рече дека скрининг мамографијата е бесплатна за жените, односно партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.

-Само од почетокот на оваа година реализирани се над 3.000 прегледи во рамките на овој скрининг. Исто така неодамна имплементиравме значајни новини во однос на патеката за преглед на дојката, со цел жените да направат преглед на дојка согласно нивната клиничка слика, односно медицинската потреба. Тоа значи дека жени со клиничка слика за промени во дојка добиваат упат за преглед на дојка, а радиологот ги издава потребните дополнителни упати на биопсија. Со ова значително се олеснува пристапот на жените до потребната здравствена услуга, рече Меџити.

Маја Стојчевска Чапова, специјалист по радиодијагностика, на дебатата кажа дека идејата на сите скрининг прегледи, редовните мамографии и сите денешни техники е за рано откривање на карциномот.

-Идејата за „Само преглед“ што ја промовиравме и уште ја промовираме е да и даде идеја на жената дека треба да се јави на преглед. Значи не дека вие самите сте должни да откриете нешто и дека самите ќе бидете свесни во кој момент треба или не треба да се јавите на преглед, но од одредена возраст треба редовно да се прави преглед, рече таа.

Освен министерот Меџити и доктор Стојчевска Чапова, на дебатата учествуваа и доктор Маја Јакимовска, Сефер Цаноски и Александра Србиновска Дончевски како претставници од универзитетот, Маја Трајковиќ како професорка и Лила Филиповска како специјален гостин. сх/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан