• четврток, 26 декември 2024

Јавен состанок на Агенцијата за пошти, презентиран Статистичкиот извештај за 2021

Јавен состанок на Агенцијата за пошти, презентиран Статистичкиот извештај за 2021
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Состојбата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија, тековните активности, како и плановите и програмите за делување во идниот период, беа во фокусот на јавниот состанок на Агенцијата за пошти на кој денеска беше претставен и Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за 2021 година како и Информација за Јавна расправа за измена на Правилникот за содржина и форма на нотификација и потребната документација која се доставува со нотификацијата. - Во изминатите шест месеци прва конкретна активност што ја направивме е формирањето на работната група за иницирање на измена и дополнување на Законот за поштенските услуги. Нејзина цел е унапредување на регулаторната рамка, но и усогласување на домашното законодавство со европското, согласно глобалните трендови на пазарот на поштенските услуги, посочи директорката на Агенција за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска. Таа информираше дека моментално се во процес на подготовка за измена и дополнување на Правилникот за формата и содржината на нотификацијата и потребната документација која се доставува со нотификацијата, како и измени и дополни на Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга со параметрите за квалитет и нивно мерење. - Тоа ќе ни овозможи да пропишеме нови стандарди на квалитет. За таа цел е формирана работна група со претставници од давателот на универзалната услуга и од Агенцијата за пошти. Исто така, продолжуваме со активностите на работната група поврзани со посебното сметководство и алокација на трошоци, рече таа. На настанот беше презентиран и Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за 2021 година кој покажува дека во 2021 година има намалување на бројот на даватели на поштенски услуги на слободниот пазар кој изнесува 42, во однос на 2020 година, кога имало 46. - Обемот на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија во 2021 година изнесувал 37 616 911  поштенски пратки и покажува намалување од 6,6 отсто во споредба со 2020 година, стои во извештајот. На крајот од настанот беше споделена и Информација за Јавна расправа за измена на Правилникот за содржината и форма на нотификација и потребната документација која се доставува со нотификацијата, а беа доделени и признанија за успешна работа на дел од вработените и соработниците на АД Пошта. ар/лв/              

Остани поврзан