• четврток, 26 декември 2024

Јавен повик на Државниот архив до приватни иматели за подарување архивски материјал

Јавен повик на Државниот архив до приватни иматели за подарување архивски материјал

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Државниот архив ги повикува сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да покажат општествена одговорност и да го подарат на оваа институција која се грижи за колективната меморија и историското минато.

- На приватните иматели (или правни наследници) им се нуди можност да подарат архивски материјал, кој е од особено значење за националната и локалната историја, како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка, како и негово користење за научни цели, соопшти Државниот архив. 

Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата во функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот. Од подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и сл.

Сите заинтересирани може да се обратат на телефонскиот број 02/3237-211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, кеј „Димитар Влахов“ бр. 19 во Скопје или на следните e-mail адреси: ljupka.andov@arhiv.gov.mk; marjan.gijovski@arhiv.gov.mk.

Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на веб-страницата www.arhiv.mk мд/дма/

Фото: Државен архив 

 

Остани поврзан