• четврток, 26 декември 2024

Јавен повик за Општинско-корисна работа во Делчево

Јавен повик за Општинско-корисна работа во Делчево
Делчево, 6 јуни 2022 (МИА) - Општина Делчево објави Јавен повик до евидентираните невработени лица за вклучување во програмата Општинско-корисна работа, како дел од проектот на УНДП „Грижа за стари лица”, за кој е склучен заеднички договор со општината.
Програмата за Општинско-корисна работа е финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија.
Заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, евидентираните невработени лица, како што напоменаа од Општината, потребно е да се пријават во Агенција за вработување - Центар за вработување Делчево. Вкупниот период на вклученост на невработените лица преку програмата изнесува три месеци во што влегува работниот ангажман од 20 часа, при што статусот на невработените лица останува непроменет, истакнаа од Општина Делчево
На невработените лица-корисници на паричен надоместок и на корисниците  на право на Гарантирана минимална помош за времетраење на работно ангажирање ќе им биде активно претходно остварено право, информираа од Општината.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“ како што посочија, имаат сите невработени лица, а предност ќе имаат невработените кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.
-За кандидатите  кои ќе бидат избрани предвиден е паричен надомест во висина од 9.000 денари. Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица: Роми и Лица со попреченост. Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на негувател за грижа на стари лица, а предвидени се осум такви места за извршители на услугата со завршено најмалку основно образование или ССП, додават од Општината.
Пријави за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенција за вработување- Центар за вработување Делчево во периодот од 03 до 15.06.2022 година, од 07:30 до 15:30 часот.
Воедно од Општина Делчево ги известуваат сите заинтересирани лица кои сакаат да ги користат услугите од програмата „Општинско- корисна работа“, за активноста „Мобилен тим за посета за стари и изнемоштени лица и лица со попреченост“ (набавка на топол оброк, набавка на основни продукти за хигиена и исхрана, препишување и набавка на лекови, плаќање сметки, придружба на лекар или некоја друга институција по потреба, заедничка прошетка и дружење) да се пријават во просториите на Општина Делчево најдоцна до 27.06.2022 (понеделник).
Оваа активност се реализира преку проектот „Социјални услуги за сите", со којшто се опфатени 32 крајни корисници. вс/ев/

Остани поврзан