• четврток, 12 февруари 2026

Ѕвездата на „Stranger things“ - Никола Ѓуричко со настап во МНТ за роденденската прослава

Ѕвездата на „Stranger things“ - Никола Ѓуричко со настап во МНТ за роденденската прослава

Скопје, 9 февруари 2026 (МИА) - Свеченото одбележување на големиот јубилеј на Македонскиот народен театар (МНТ) почнува на 30 март, со стенд‑ап шоуто „Шоубиз“ (Showbiz), во изведба на белградскиот и светски познат глумец Никола Ѓуричко. 

„Како наградуван актер и во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги и на холивудската сцена, тој сепак, е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште (ЈДП) во српскиот главен град, каде што беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги. Од крајот на 2019. живее и работи во Лос Анџелес, САД. Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата ‘Почудни нешта’ (Stranger Things), како и во филмот ‘Светска војна Зи’ (World War Z) и други меѓународни продукции. По три години од успешниот стенд-ап ‘Сѐ што сакавте да знаете за Џони, а никогаш не се осмеливте да го прашате’, Ѓуричко подготви нова програма под наслов 'Шоубиз', со којашто настапува во Србија, но и низ регионот и дијаспората, во рамки на неговата голема турнеја“, соопшти МНТ.

Новиот материјал, како и претходниот, е потпишан од Ѓуричко и се однесува на неговиот живот, кариера и семејството. И оваа шоу-програма на духовит начин ги раскажува интересните детали од неговиот живот и професионалниот пат.

- „Шоубиз“ е моето ново стенд-ап шоу. Речиси три години не настапував, па се зажелев за луѓе, за публика. Имам многу нов материјал... Тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, коишто сакам да ги споделам со луѓето. Како на пример, зошто ме фаќаа за јаката, зошто морав да присуствувам на породување или зошто го пријавив син ми во полиција - вели Ѓуричко.

Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лични сведоштва од меѓународната кариера.

„Неговиот настап е дел од роденденската прослава на МНТ. Во чест на првата претстава изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде што беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претставите од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување - рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот. Годинава продолжува со одбележувањето и на 81 година од постоењето“, се вели во соопштението.

Билетите се пуштени во интернет-продажба, како и на билетарницата во МНТ.  си/сст/

Фото: МНТ

Остани поврзан