• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Ѕвездата на Париската опера Роксан Стојанов е добитничка на Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025

Ѕвездата на Париската опера Роксан Стојанов е добитничка на Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2025, за 21-то издание, донесе одлука Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели на Ѕвездата на париската опера Роксан Стојанов.

- Благодарение на извонреден талент и уметничка визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирани во Ѕвезда на Париската опера (Étoile de l'Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини кои блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, С. Македонија, каде остава ѕвездена трага во балетската историја, за што Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 21-то издание, со огромна чест и задоволство и ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност!!!, стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест Скопје 2025.

Наградата на Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов ќе и биде врачена на сцената на Македонскиот народен театар, на 29 април, 2025, во 20 часот, кога ќе биде свеченото отварање на овогодинешната програма на Танц Фест 2025, со која се одбележуваат 35 години современа танцова сцена кај нас.

Роксан Стојанов е родена во 1995 година во Франција, таа е со француско-македонско потекло, ги започнува своите први танцови чекори во Скопје на осумгодишна возраст, кога претстојува тука со семејството. Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 година се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија. Во периодот од 2015 до 2022 година, Роксан напредува во хиерархијата на операта и во 2022 година станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 година, го доживуува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на Париската опера. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е признание и доказ за нејзината извонредна уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност, се посочува во соопштението од Борд на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје.са/

Фото: Танц Фест Скопје

Остани поврзан