• сабота, 28 декември 2024

Ѓурчиновски: Армијата интензивно работи на подобрување на стратешките комуникации согласно доктрината на НАТО

Ѓурчиновски: Армијата интензивно работи на подобрување на стратешките комуникации согласно доктрината на НАТО
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - Стратегијата на НАТО за одвраќање и одбрана мора да биде придружена со правилна комуникација во и надвор од оперативната зона. Секој од нас има улога во спроведувањето на комуникацијата кон домашната публика и кон сојузниците, порача денеска началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски на затворањето на НАТО конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.

- Следното нешто што би сакал да го споменам овде е огромната важност на нешто што ја промени сликата на бојното поле, и таа слика е замаглена и не може лесно да се препознае во споредба со конвенционалните воени операции од минатото. Тоа се операциите од областа на комуникациите, додава Ѓурчиновски.

Армијата и Министерството за одбрана, како што нагласи тој, интензивно работат на развој и подобрување на способностите во областа на стратешките комуникации со цел да се зголеми ефикасноста на комуникациите согласно доктрината за комуникации на НАТО.

- Денес можеме да елаборираме како се менува информациската средина како резултат на хибридните операции исклучиво преку лекции од војната меѓу Русија и Украина. Верувам дека ова е пресвртната точка во подобрувањето на стратешкиот концепт за комуникации на НАТО во новата деценија преку важноста на поимот здруженост на средствата, начините и стратешките цели на сојузниците, заклучи Ѓурчиновски.

На конференцијата која беше отворена вчера во Националната филхармонија, премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска порачаа дека комуникациите и информациската сфера не биле никогаш поважни за безбедноста и стабилноста, како и дека транспарентноста е најдоброто оружје во борбата против лажните вести. НАТО конференцијата за комуникатори е најголемата годишна конференција за комуникатори во Алијансата. Годинава, домаќин на Конференцијата е Северна Македонија, а на истата учествуваа околу 300 лица. Во рамки на конференцијата беа организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации. мс/нд/    

Остани поврзан