• четврток, 26 декември 2024

Ѓукановиќ пристигна во Цетиње

Ѓукановиќ пристигна во Цетиње
Подгорица, 4 септември 2021 (МИА) - Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ вечерва пристигна во Цетиње, каде има протести поради устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетинскиот манастир. Ѓукановиќ претходно изјави дека на 5 септември ќе присуствува на протестите во Цетиње, ако Српската православна црква не се откаже од устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетинскиот манастир. Додека, премиерот Здравко Кривокапиќ, министрите, како и владици, епископи и верници присуствуваа на литургијата што се одржува во Храмот на Христовото воскреснување во Подгорица. Српскиот патријарх Порфириј денеска пристигна во дводневна посета на Црна Гора пред утрешното устоличување на митрополитот Јоаникиј во Цетинскиот манастир, на што остро се спротивставија црногорските организации, опозицијата и голем број граѓани денеска се собраа во Цетиње, каде се распоредени најмалку 1.800 полицајци. Група демонстранти кои се против устоличувањето на новиот митрополит на Српската православна црква во историскиот главен град на Црна Гора, ја пробија полициската блокада на влезот од Цетиње и поставија барикади, но и жив штит. Приодите кон Цетиње од правец на Подгорица и од Будва се блокирани со големи камења, автомобилски гуми, а дел од демонстрантите седат на патот. За време на пробивањето на блокадата имаше судир помеѓу полицијата и демонстрантите. Претходно во центарот на Цетиње демонстрантите ја отстранија жичената ограда поставена од полицијата за да ги држи подалеку од Цетинскиот манастир, каде што утре треба да се одржи церемонијата на устоличување. ми/

Остани поврзан