• четврток, 26 декември 2024

Ѓорѓи Филипов за МИА: Време е кај политичките партии да надвладее државниот интерес, голема е одговорноста и на опозицијата

Ѓорѓи Филипов за МИА:  Време е кај политичките партии да надвладее државниот интерес, голема е одговорноста и на опозицијата
Скопје, 14 август 2022 (МИА) - Време е еднаш и кај политички партии во земјава да надвладее интересот на државата, над интересот на партијата. Така што, иако на прв поглед и од моментална гледна точка не постојат услови за уставни измени, тоа не значи дека и по една година нема да постојат, оценува амбасадорот д-р Ѓорѓи Филипов во интервју за МИА. Тој се согласува дека барање за промена на Уставот пред самиот почеток на преговорите е навистина своевиден преседан, но вели, слични барања имале и некои некогашни кандидатки, денес членки на Европската Унија, само што ургентноста не била толку брутално изразена, што може да се спореди со уцена. - Имавме слична ситуација пред зачленувањето во НАТО, што ќе рече дека нацијата веќе има колективно искуство од коешто нешто и научила, па верувам дека и надлежните институции и политички партии од власта и опозицијата ќе успеат, во име на напредокот на државата, да најдат соодветна политичка солуција, а притоа да ги зачуваат дигнитетот и суверенитетот на Северна Македонија, како и идентитетот на македонскиот народ и посебноста и оригиналноста на македонскиот јазик, што тој народ го говори од дамнина, кодиран, дури и со сопствен дигитален речник на македонскиот јазик, користен од Македонците и останатите народи што имаат потреба од него, без разлика кога бил стандардизиран. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија, со најголема бројка на запишани партиски членови, оттаму и носителка на голема одговорност за развојот на Република Северна Македонија, што говори дека позицијата на опонент на владината коалиција сепак не значи и опонент на носењето правилна одлука во дадената временско, просторно, политичка, одбранбена, здравствена и економско-социјална координата во која се наоѓа земјата, подвлекува амбасадорот Филипов. Следува целосното интервју со амбасадорот д-р Ѓорѓи Филипов. Северна Македонија на 19 јули ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ. Во тек е скринингот, но своевиден преседан е што отворањето на поглавјата е условено со уставни измени за вклучување делови на народи (бугарскиот) што живеат во земјава во Преамбулата на Уставот. Со оглед на актуелните политички случувања и неотстапувањето на ВМРО-ДПМНЕ од ставот дека нема да дозволи промена на Уставот, дали сметате дека постојат услови да се донесат уставните измени? - Во право сте што го употребивте зборот „своевиден“, зашто таквото барање за промена на Уставот, пред самиот почеток на преговорите е навистина преседан, но слични барања имале и некои останати некогашни кандидатки, денес членки на Европската Унија, само што ургентноста не била толку изразена и вака брутално, експлицитно артикулирана, постапка што може да се спореди со уцена. Имавме слична ситуација пред зачленувањето во НАТО, што ќе рече дека нацијата веќе има колективно искуство од коешто нешто и научила, па верувам дека и надлежните институции и политички партии од власта и опозицијата ќе успеат, во име на напредокот на државата, да најдат соодветна политичка солуција, а притоа да ги зачуваат дигнитетот и суверенитетот на Северна Македонија, како и идентитетот на македонскиот народ и посебноста и оригиналноста на македонскиот јазик што тој народ го говори од дамнина, кодиран, дури и со сопствен дигитален речник на македонскиот јазик, користен од Македонците и останатите народи што имаат потреба од него, без разлика кога бил стандардизиран. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија, со најголема бројка на запишани партиски членови, оттаму и носителка на голема одговорност за развојот на Република Северна Македонија, што говори дека позицијата на опонент на владината коалиција сепак не значи и опонент на носењето правилна одлука во дадената временско, просторно, политичка, одбранбена, здравствена и економско-социјална координата во која се наоѓа земјата. Време е еднаш и кај македонските политички партии, не мислам само на партиите со етнички предзнак – македонски, да надвладее интересот на државата, т. е. на сите жители во неа, над интересот на партијата. Така што, иако на прв поглед и од моментална гледна точка не постојат услови за уставни измени, тоа не значи дека и по една година нема да постојат. Како го цените инсистирањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за ревизија на преговарачката рамка поради неприфатливост на делови од францускиот предлог и нивното барање за референдумско изјаснување. Дали е потребно и дали е можно одржување референдум по формалното отпочнување на процесот? - Општо е познато дека ние не можеме да се пофалиме со некои големи позитивни искуства од спроведувањето референдуми. Во другите држави најчесто се спроведуваат референдуми откако ќе се постигне двотретинска согласност во Парламентот, па потоа се врши последна проверка на одлуката преку најшироко изјаснување на граѓаните, т. е. референдум. Нашите негативни искуства, од кои ако сме разумни треба нешто веќе да сме научиле, се должат на тоа што барањата за референдумско изјаснување се ставаат на политичка маса откако партиите веќе го „раскарале“ гласачкото тело. Во моменталната сложена матрица на севкупните односи во земјата би било најприфатливо постигањето согласност во рамките на Собранието, продолжување со преговорите, вложување напори на секоја клетка на општеството за нивно поскорешно завршување, а потоа има мегдани за референдум. И онака некои од земјите спроведуваат референдуми пред стапување во сојуз. Тоа можеме да го направиме и ние, со поладни глави, со ново искуство од преговарачкиот процес, зајакнати институции на државата, подобрено судство, намалена корупција, приближени до европските стандарди и свесноста дека Северна Македонија ќе биде многу посилна кога ќе биде внатре политичката и економска унија на народите на Европа, каде ни е местото, не само заради географската припадност, ами и заради споделување на заедничките европски вредности. Во контекст на пристапниот процес значаен сегмент се и Преспанскиот договор потпишан со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, со кои се предвидени двострани обврски. Доколку се има предвид однесувањето на Атина по потпишувањето на договорот и на Софија, која изразува отворено незадоволство од динамиката на неговото спроведување, дали очекувате чести блокади од Бугарија или процесот на преговори би течел непречено? - Не очекувам чести блокади базирани исклучиво на договорите потпишани со овие два соседа, без разлика на сегашното инсистирање на Бугарија. Сметам дека тие инсистирања на источниот сосед беа повеќе резултат на внатрешната политичка нестабилност на последните три влади, отколку на односот кон македонското прашање, како што имаат обичај да кажат. Од обуки што сум ги поминал, но повеќе од искуство, сметам дека во секои преговори важат три правила: не смеете да бидете вие тие што ќе ги прекинат или напуштат преговорите, трудете се да не мислите на факторот време, ами подготвено фокусирајте се на целта што претходно сте си ја поставиле и не откривајте ги црвените линии пред страната со која преговарате. Знаеме дека парламентите, и на бугарската и на македонската страна веќе ги открија „црвените линии“, што значи дека не е можно преговорите да течат „непречено“. За среќа, тоа не значи дека пречките што ќе се појават нема да бидат благовремено отстранети или прескокнати. Се разбира дека во текот на преговорите, се преговара со сите 27 членки на ЕУ, можат да се појават и непредвидливи пречки, но како и останатите некогашни кандидати нашле решенија, така и ние ќе ги надминуваме и таквите предизвици. Колку францускиот предлог всушност го реши, односно го отвори прашањето за решавање на македонско-бугарскиот спор, станува збор за несогласувања за историски процеси, некои подалечни, некои поблиски, колку навистина историјата ја избегнавме во предлогот? - Францускиот предлог беше излез од лавиринтот во кој се најдоа двете страни заробени во сопствените убедувања. Оддалеку се гледаше дека е потребно вклучување трет елемент, т. е. асистенција на трета страна со авторитет кон двете страни. Во тој момент најавторитативна трета страна беше претседавачот со ЕУ, Република Франција. Далеку од тоа дека францускиот предлог „го реши“ проблемот, но факт е дека го откочи тркалото заглавено во глината на минатото, меѓусебните обвинувања и недовербата создавана со години наназад и помогна да отпочне формалниот вовед во преговорите со ЕУ, наречен скрининг. Во секој случај, историјата не е избегната, но избегнато е нејзиното влијание на одвивање на преговорите по другите основи и отворање и затворање поглавја во кои историјата нема никакво значење. Единствен услов е внесување на бугарскиот народ во Преамбулата на македонскиот Устав, а останатите прашања, како што е работата на Комисијата за историја, се друга тема и не се меродавни за непречено одвивање на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ. Министерката за култура минатата недела по една нејзина изјава беше обвинета за цензура на културата. Како ќе ги решиме овие несогласувања, каде според вас е границата? -Во чл. 16 од Уставот став 1 „се гарантира слободата на уверувањата, совеста, мислата и јавното изразување на мислата“. Во последниот став од истиот член пишува дека „цензурата е забранета“. Самата министерка им се извини на оние што се нашле повредени или помислиле дека таа со нејзиниот став се обидела да воведе цензура на изразувањето. Самиот сметам дека немала намера да воведува никаква цензура, но нејзината изјава предупреди дека сите јавни личности треба да внимаваат на јаснотијата во изразувањето и да не дозволат да бидат криво разбрани. „Слободата на говорот“ не треба да се поистоветува со „говорот на омраза“. Затоа, двете страни треба да направат обид да создадат дефиниција за тоа што би претставувало „говор на омраза“ во конкретниов случај. Додека се во фаза на создавање, двата соседа треба свесно да негуваат потолерантен однос кон говорниците, а особено нивните истакнати јавни личности треба со пример да практикуваат способност на говор на несогласување или спротивставување без употреба на навреди и омраза. Во крајна инстанца, кон „говорниците на омраза“ треба да се применат и прекршителни и кривични пријави. Добар познавач сте на Преспанскиот договор, со него затворивме еден долгогодишен спор, договор имаме и со Бугарија, но спорот со оваа земја се отвори по неговото потпишување. Каде ја лоцирате грешката во вториот случај? -Со Преспанскиот договор, грчката страна се согласи дека постои „македонски народ“ и „македонски јазик“. Притоа инсистираше тој народ и тој јазик да не се поврзуваат директно со народите и јазиците од времето на античките држави и држави-градови што говореле грчки јазик и негувале грчка култура. Поточно, инсистираше македонскиот народ и македонскиот јазик да се сметаат за народ со словенско потекло кој говори македонски јазик, што произлегува од јазикот кој го говореле македонските Словени. Ваквиот став не е далеку од општоприфатената научна пракса за тоа на која гранка од Дрвото на јазиците на народите потекнува македонскиот јазик. Во Договорот за добрососедство со самото потпишување направено на македонскиот јазик според Уставот на Република Македонија, во кој патем пишува дека во Република Македонија живее македонски народ и други наброени народи и на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија , во којашто знаеме дека живее бугарски народ, бугарската страна веќе прифатила дека постои и македонски народ и македонски јазик. Каде е грешката? Грешка нема, освен ако различното толкување поедини одредби не се поврзе со внатрешнополитички збиднувања и употребата на овој Договор за добрососедство за елегантно „бегство од реалноста“, па бугарската страна донесе „Декларација“, како ќе се толкува Договорот, а македонското донесе уште посилна изјава наречена „Резолуција“, со што парламентите им одмогнаа на научниците да трагаат по заеднички прифатлива научна вистина и ги насочија да истражуваат според принципите на науката, но да имаат на ум дека решението треба да биде во рамките на политичките декларации, коишто се сепак само политички. За жал, и македонската и бугарската академија на науки се инфицираа со политика или политикантство, па веќе не се знае дали читаме или слушаме говори на парламентарци или научници. Според оценки на некои аналитичари, проекциите се дека до 2030 година Северна Македонија и Албанија би можеле да станат дел од европското семејство. Дали се тие проекции остварливи ако се земе предвид долгиот процес на преговори со Црна Гора и Србија, но и фактот дека македонското законодавство е веќе 45 проценти усогласено со АКИ-то? -Сметам дека годината 2030 е прифатлива како некоја одредница за завршување на процесот на преговарање. Дури сметам дека македонската страна може и побрзо да го затвори тој процес доколку не се случуваат подметнувања од внатрешни и надворешни фактори кои се против македонското членство во ЕУ. Не треба да правиме споредби со преговорите на Србија и Црна Гора, зашто тие си имаат свои специфичности. Секоја земја платила некоја цена, помала или поголема, за привилегијата да биде членка на ЕУ, па така ќе мора да постапат и Србија и Црна Гора. Во барањето на модусот на кој ќе им се изврши наплатата, не е исклучиво сите четири земји заедно да влезат во ЕУ до 2030, иако засега Црна Гора и Србија се во огромна предност. Како случувањата во регионот, имаше тензии во Косово, но и глобалните, пред сѐ со војната во Украина, ќе влијаат на процесот на пристапни преговори? - Малку е необично, но видовме дека инвазијата на Русија во Украина и затегнатите односи во Косово, на некој начин „придонесоа“ да се најде начин за укинување на бугарското вето кон Македонија и Албанија, со што се отворија вратите за отпочнување на скринингот, како вовед во преговарањето со ЕУ. Во исто време и Украина, иако во војна и Молдавија се стекнаа со кандидатски статус. Да се надеваме дека Белград и Приштина ќе најдат соодветно решение, што нема да ги забрза преговорите, но сигурно ќе релаксира атмосферата на преговарање, како за Албанија и Македонија така и за Србија и Црна Гора. Настаните во Украина имаат негативно влијание врз процесот на преговарање, како и на целата состојба во ЕУ и во светот, но директно малку влијаат на процесот на пристапните преговори на Скопје и Тирана со Брисел. Виолета Геров фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан