• сабота, 28 декември 2024

Ѓорѓиевски: Со паметни и флексибилни транспортни решенија, до зелена транзиција и транспорт

Ѓорѓиевски: Со паметни и флексибилни транспортни решенија, до зелена транзиција и транспорт

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денеска се обрати на меѓународниот „Самит на зелена мобилност”, во Сараево, каде учествуваат високи делегации од ЕУ, Западен Балкан и други земји набљудувачи, информираат од Општина Кисела Вода. 

Учесниците на овој самит, со кои градоначалникот Ѓорѓиевски имал бројни билатерални средби, разменуваат знаења и искуства со цел промовирање на одржлива мобилност, односно за имплементирање на паметни и флексибилни транспортни решенија.

На првата сесија, говореле и Магда Копчинска, директор на Директоратот за транспорт на ЕК,  директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, албанската министерка Белинда Балуку, Премиерот на кантонот Сараево Нихад Ук, министерот Един Форто и министерот Весич.

Како претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа–ЗЕЛС во Република Мaкедонија и како прв човек на Општина Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски укажал дека единиците на локална самоуправа имаат клучна улога во реализирањето на концептот за зелена транзиција и тоа  не само во доменот на транспортот, туку во целокупниот развој на локалната економија бидејќи 70 проценти од релевантните политики и од законодавството за животна средина и зелена енергија на Европската Унија, усвоени и на национално ниво, подразбираат нивна реализација на локално ниво.

-Општините, како најблиска власт до граѓаните, не само што треба да ги спроведат законите, туку претходно треба да обезбедат и соодветен амбиент и да обезбедат нивна поддршка од населението –истакнал во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека во Македонија, процентот на поддршката на политиките за борба против климатските промени и заштитата на животната средина е прилично висок, но сепак, во преземањето на конкретни активности за спроведување на Зелената агенда и декарбонизацијата на економијата, земјата е во почетен залет.

Посочил на неколку добри примери, самостојно реализирани или поддржани од европски проекти, како што e ProSUMP-Проект на „Регионална размена на знаења и најдобри практики за одржливо планирање на урбаната мобилност со земјите од Западен Балкан“. Информирал и дека неколку општини донеле планови за урбана мобилност кои се во согласност со Новата рамка на урбана мобилност на Европската Унија. Сепак, истакнал дека за преземање на поголеми чекори, што ќе дадат глобален придонес за зелена транзиција, потребни ни се сериозни финансиски средства, како на нашата земја, така и на земјите од Западен Балкан.  

-Работиме на давање предност на велосипедите и велосипедските патеки, наспроти сообраќајниците и автомобилите; предност на зеленилото наспроти бетонизацијата; примена на обновливи извори на енергија и паметни алатки за уличното осветлување; водење грижа за енергетската ефикасност и друго. Работиме  и кон подигнување на јавната свест за селекција на отпадот и значењето на циркуларната економија, како и за намалување на потрошувачката и користење на помалку природни ресурси од порано. Во доменот на можностите даваме поддршка и на локалната економија во насока на нејзина полесна зелена транзиција. Но, за зафаќање со крупни инвестиции ни недостигаат големи финансиски средства. Тука би користеле за: обезбедување на прочистителни станици за заштита на сите водни ресурси; справување со дивите депонии, односно воспоставување на одржливо управување со отпадот и изградба на стандардизирани депонии. Понатаму зголемување на капацитетите на јавниот транспорт и негова дигитализација, како и осовременување и проширување на железничкиот систем. Клучна поддршка треба да им дадеме и нашите земјоделци  за примена на климатски –паметно земјоделство со пренасочување на земјоделските субвенции кон еколошко обработување на земјата. Потребно е да преземеме активности за да го подготвиме образовниот систем за обезбедување на нови занимања кои ќе даваат поддршка на зелената транзиција, истакнал претседателот на ЗЕЛС, додавајќи дека има верба дека позитивните промени ќе се случат. сст/дма/

 

Остани поврзан