• четврток, 26 декември 2024

Ѓорѓиевски: Пинтија за првпат добива затворен спортски објект

Ѓорѓиевски: Пинтија за првпат добива затворен спортски објект

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - За првпат населбата Пинтија добива затворена спортска сала. Учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов” за кои досега наставата по физичко образование се одвиваше во супстандардни услови ќе добијат современ објект кој ќе се протега на 350 метри квадратни, соопштуваат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој присуствуваше на почетокот на градежните активности истакна дека обезбедувањето на неопходна спортска инфраструктура за развивање на физичките потенцијали и подобрување на здравјето на децата е дел од стратегијата за развој на младите и подобрување на квалитетот на живот во општина Кисела Вода.

-Денес започнуваме со градежни активности за изградба на затворен спортски објект во населбата Пинтија, прв од ваков вид во ова населено место. Досега во ПОУ „Рајко Жинзифов”, каде настава посетуваат 252 ученика, наставата по физичко образование се одвиваше во супстандардни услови. Обезбедувањето на неопходна спортска инфраструктура за развивање на физичките потенцијали и подобрување на здравјето на нашите деца е дел од нашата визија за развој на младите и подобрување на квалитетот на живот во општина Кисела Вода,изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Подигнувањето на стандардите во образованието преку бројни инвестиции во обнова на училишната инфраструктура со посебен акцент на спортот, во Пинтија, но и во сите останати населби и населени места во општина Кисела Вода, како што посочи градоначалникот, се одлика на целата наша досегашна работа како раководство на општина Кисела Вода.

Ѓорѓиевски најави дека во општина Кисела Вода ќе се гради ново основно училиште ,,Климент Охридски” во село Драчево и нова детска градинка  во населбата Расадник.

-На собраниска седница се прифатени двата амандмани од нашиот пратеник од Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и Бојан Стојаноски, двајцата од ВМРО ДПМНЕ, со кои во Буџетот на Република Македонија се одобруваат финансиски средства во висина од 140 милиони денари за реализација на двата гореспоменати капитални проекти, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. дма/са/

Фото:Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан