Ѓорѓиевски - Лосон: Британска поддршка за развојните планови на Скопје и проектот „Европска престолнина на културата 2028“
- На средбата, како што објави на социјалните мрежи градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентирал развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. Посебен акцент бил ставен на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии.
Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски остварил работна средба со делегација од Обединетото Кралство, предводена од британскиот амбасадор во државава, Метју Лосон, на која биле разгледани можностите за унапредување и продлабочување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.
На средбата, како што објави на социјалните мрежи градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентирал развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. Посебен акцент бил ставен на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии.
Соговорниците разговарале и за можностите за реализација на заеднички проекти и програми од заемен интерес, како и за размена на позитивни искуства и добри практики, особено во областа на образованието и културата.
Во рамки на состанокот било отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на проектот „Европска престолнина на културата 2028“, вклучително и меѓународна промоција и вмрежување на Скопје со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на главниот град.
На средбата присуствувале и Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, Доминик Роудс, раководител за политика во Амбасадата, како и Милан Лучиќ, раководител на Секторот за уметност при Регионалната канцеларија на Британскиот совет. дма/вг/
Фото: Град Скопје