• недела, 24 ноември 2024

Ѓорѓиевски и Тошковски на увид на локација за нова полициска станица

Ѓорѓиевски и Тошковски на увид на локација за нова полициска станица

Скопје, 22 април 2024 (МИА) - Градоначaлникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, заедно со командирите од двете полициски станици на територија на општина Кисела Вода извршија увид во населбата Кисела Вoда. На локација, во близина на кружниот тек помеѓу Кисела Вода и Припор, градоначалникот Ѓорѓиевски на министерот Тошковски му ја презентираше можноста за изградба на нова полициска станица, која е предвидена со ДУП-от, информираат од Општина Кисела Вода.

-Денеска заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски направивме детален разговор околу подигнувањето на безбедноста на нашите граѓани. Во моментов на територија на општина Кисела Вода функционираат две полициски станици, но со оглед на тоа што во општината живеат околу 70 000 жители, и тоа што едната полициска станица ја покрива цела централна Кисела Вода се до Пинтија, додека ПСОН Драчево покрај селото и населбата Драчево ги покрива и Студеничани, Батинци, Зелениково и Морани, несомнено е потребно отворање и на трета полициска станица. Тоа би овозможило поголема присутност на полицајците на терен, но и побрза реакција во случај на одредени ситуации кога е загрозена сигурноста на нашите жители, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски. 

Тој додал дека од разговорот со министерот Тошковски, произлегла заедничка подготвеност за нови иницијативи и проекти, што, како што рекол, ќе ги засилат напорите за изградба на посилна заедница во која доследно ќе се спроведуваат законите и ќе се превенира криминалот, 

-Министерот Панче Тошковски се информирал од командирите на полициските станици околу капацитетите кои во моментот се користат и ефективноста во однос на бројот на вработени и искористеноста на просторот. На пример дека полициската станица “Пролет” е сместена на територија на Центар, а ги опслужува граѓаните на општините Кисела Вода и Сопиште. Заклучи дека има простор за одлична реорганизација, дека просторот кој го предлага градоначалникот Ѓорѓиевски е соодветно решение кое ќе донесе бенефит најмногу за граѓаните, но и за полициската станица “Беко” и за “Пролет”, бидејќи освен што е се зголеми ефективноста поради близината, олеснување ќе има и за сообраќајот и за паркинг просторот кој посебно е изразен како проблем во полициските станици “Беко” и “Пролет”, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

Предвидениот простор кој се наоѓа во близина на кружниот тек во Кисела Вода има 3700 метри квадратни, објектот би бил околу 400 квадратни метри, а би и имало партерно уредување и голем паркинг. сст/дма/

 

Фото:Општина Кисела Вода

Остани поврзан