• вторник, 24 декември 2024

Јакимовски не го напушта ЗЕЛС, Костадинов не дојде на средбата со Ѓорѓиевски

Јакимовски не го напушта ЗЕЛС, Костадинов не дојде на средбата со Ѓорѓиевски

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - ЗЕЛС не е тој што предизвикува кризи, ЗЕЛС ги надминува кризите, изјави денеска претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски по средбата со градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.

Како што соопшти ЗЕЛС, градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов не дојде на состанокот на кој беше поканет.

На средбата Ѓорѓиевски истакнал дека секогаш имало несогласувања меѓу одреден градоначалник и министер и додал дека тоа е логично кога се работи да постојат и такви несогласувања.

- Ние сме тие кои влегуваме во директна медијација на процесот и верувам дека ќе ги надминеме какви и да се разликите и колку и длабоки да се истите. ЗЕЛС останува обединет и понатаму. Во наредниот период ќе продолжиме со интензивна комуникација и со Струмица. Колегата Перо Костадинов, кој е мој потпретседател и доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, ќе се потруди во тој дел како колега, како припадници на иста политичка партија со Костадин Костадинов да седнеме заеднички на маса и верувам дека, како и Стевче што кажа дека нема да излезе од ЗЕЛС и остава простор на процесот да ги надминеме проблемите, истото ќе се случи и со општина Струмица, изјавил претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски, додавајќи дека ќе застанат зад секој градоначалник без разлика од која било политичка партија да доаѓа.

Од ЗЕЛС информираат дека во текот на наредните дена ќе направат обиди за организирање средби меѓу градоначалниците и претставниците на централната власт.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски пред неколку дена во гостување на МТВ оцени дека се прави вештачко креирање на проблеми и дека има политика во најавите на градоначалниците на Струмица и Карпош за излегување од ЗЕЛС. Ѓорѓиевски посочи дека струмичкиот градоначалник одбива комуникација и подадена рака од другите колеги, ставајќи ги во заложништво своите граѓани заради свои политички цели. мд/са/

Фото: ЗЕЛС 

Остани поврзан