Ѓорѓиевски: Град Скопје и годинава стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач и сојузник
- На 5 декември, целиот свет оддава признание на волонтерите, на сите оние кои несебично го даруваат своето време, енергија и добрина за да ги зајакнат нашите заедници. Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија, наведе градоначалникот.
Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество, изјави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиуми.
Ѓорѓиевски се приклучи на активностите по повод 5 декември - Светскиот ден на волонтерството, заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски.
Како што информираа од неговиот кабинет, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, тие учествуваат во низа хуманитарни и социјални активности насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.
Од Град Скопје преку соопштение нагласија дека овој ден претставува силен потсетник за важноста од волонтерството и институционалната поддршка што таа благородна мисија ја заслужува.
- На 5 декември, целиот свет оддава признание на волонтерите, на сите оние кои несебично го даруваат своето време, енергија и добрина за да ги зајакнат нашите заедници. Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија, наведе градоначалникот.
Тој рече дека преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаат порака дека волонтерството е чест и привилегија. бд/вг/
Фото: Град Скопје