• вторник, 24 декември 2024

Се гради нова летна училница во дворот на училиштето „Кузман Јосифовски-Питу“ во Црниче

Се гради нова летна училница во дворот на училиштето „Кузман Јосифовски-Питу“ во Црниче

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода започна со изградба на нова летна училница во дворот на подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во Црниче. Оваа училница, со површина од 146 м², ќе функционира како амфитеатар на отворено и ќе биде наменета за повеќе од 100 ученици, информираат од Општината.

Градежните работи е предвидено да завршат во наредните две недели. Вкупната инвестиција изнесува околу половина милион денари.

- Оваа училница ќе овозможи изведување на настава на отворено, но и организирање на различни културни и образовни активности кои ќе ги поттикнат креативноста и интересот кај младите. Посветени сме на тоа секое училиште во нашата општина да добие современи и функционални простори, а со тоа да создадеме подобра иднина за нашите деца. Продолжуваме со реконструкција и уредување на сите образовни институции, уверени дека инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината на нашата општина и држава, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Покрај изградбата на летната училница, во централното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во тек е реконструкцијата на трпезаријата, а од следната недела ќе започне и бојадисувањето на повеќе од 2000 м² училници и ходници, со што значително ќе се подобри изгледот и функционалноста на училиштето. сст/бак/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан