• недела, 24 ноември 2024

Ѓоргиев: Не чувствувам преголем притисок од Протоколот, роковите ги поставуваат политичарите, наше е да работиме според академските научни принципи

Ѓоргиев: Не чувствувам преголем притисок од Протоколот, роковите ги поставуваат политичарите, наше е да работиме според академските научни принципи
Скопје, 28 јули 2022 (МИА) - Драги Ѓоргиев, копретседател од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, изјави вечерва дека не чувствува преголем притисок од Протоколот потпишан со Бугарија, истакнувајќи дека роковите ги поставуваат политичарите, додека Комисијата има своја рутина, правила и свои принципи. - Протоколот за Комисијата нема некое, би рекол, преголемо значење, бидејќи Комисијата и досега работеше оптимално онака како што членовите на Комисијата сметаа дека треба да работиме. Протоколот е еден политички документ меѓу двете влади за тоа како владите, македонската и бугарската, гледаат на подобрување на односите меѓу двете држави. Во тие односи еден сегмент е и нашата комисија, и таа комисија функционира веќе четири години и функционира според еден свој ритам, рече Ѓоргиев вечерва за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма. Тој истакна дека Комисијата си има својаа рутина и оти нивна работа е да работат придржувајќи се до принципите до кои досега се придржувале, а тоа се академските научни принципи и почитувањето меѓу себе. Во однос на тоа дека протоколот доаѓа во контекст меѓу двете држави, каде сега се ставени поголеми очекувања, рокови, Ѓоргиев рече дека можеби сега влогот е поголем и условите се поразлични.Контекстот е поразличен, во право сте. Можеби влогот е поголем сега, условите се поразлични, протоколот создаде една поларизација во македонското општество и сето тоа ја прави положбата на Комисијата поинаква. Многу почувствителна, многу под многу поголем фокус, лупа на јавноста ќе биде работата на Комисијата, но ако се сеќавате го спомнавте првиот протокол и во тој протокол дури со многу потешка реторика, позаповедничка реторика од некои политичари беше кажано бугарски политичари до тогаш да се заврши тоа, до тогаш да се заврши тоа. Ќе повторам, тоа е логиката на политиката, оцени Ѓоргиев.   Според него, тие рокови политичарите ќе ги поставуваат секогаш, меѓутоа, рече, Комисија си има своја рутина, има свои правила на работа, има свои принципи на работа и не секогаш тие принципи се совпаѓаат со принципите идеите на политичарите. - Политичарите работат по една логика, ние би рекол научниците работиме според друга логика, и таа е примерна за нас. Ние апсолутно сме одговорни. Имаме одговорност пред јавноста, пред тој политички контекст во кои работиме, секако, но повторно примарно за нас е нашиот академски интегритет и условите кои ни дозволуваат до каде може да одиме со тоа, а не она што ќе биде наметнато од страна на политиката, истакна Ѓоргиев. нд/

Остани поврзан