• среда, 25 декември 2024

Ѓоргиевска: Родовата еднаквост и економското зајакнување клучно за развој на македонското општество и економија

Ѓоргиевска: Родовата еднаквост и економското зајакнување клучно за развој на македонското општество и економија
Охрид, 15 јули 2022 (МИА) - Родовата еднаквост и економското зајакнување на жените се еден од клучните предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество и на македонската економија, порача сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска. На завршната конференција на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ што денеска се одржува во Охрид, под нејзино порковителство, заклучи дека настанот ќе придонесе кон поголема промоција, препознатливост и вмрежување на женските бизниси. - Економското зајакнување на жената истовремено е индикатор на нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во кој има место за секого. Тоа е зајакнување на општеството во целост и претставува инвестиција во иднината и гаранција за просперитет во државата, истакна Ѓоргиевска. Жените во Северна Македонија, додаде, во континуитет се посветени кон позитивните општествени промени, за што сведочат нивните успеси. - Останува уште многу да направиме. Иако жените се вклучени во некој од најважните развојни процеси, сепак се уште се соочуваат со непринципиелни бариери или не се целосно рамноправни чинители во економскиот развој и бизнис секторот. Наша задача е да работиме на овие бариери, кои го попречуваат целосното и правилно вклучување на жените во секоја сфера од развојот на државата, како нераскинлив дел од економската стабилност, социјалниот напредок и демократските вредности, рече Ѓоргиевска. Конференцијата е во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Balkan Trust for Democracy и USAID. Извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска изрази надеж дека со денешната дискусија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат жените претприемачки ќе ги поттикнат државните институции и меѓународната заедница и понатаму да работат на поддршка на женското претприемништво. - Последниот попис покажа дека жените во РСМ се уште претставуваат најголем процент од невработената популација и претставуваат 67 проценти од оние кои се најнеактивни на пазарот на трудот. Оттаму и нашата иницијатива за поддршка на женското претприемништво не е само прашање на еднаквоста, туку е и прашање за економскиот развој и просперитет на државата, истакна Малеска Сачмароска. Претставникот на канцеларијата на УСАИД во земјават Џејмс Стајн забележа дека жените во светот биле незразмерно економски погодени од пандемијата, а достигнувањата во последните неколку децении на полето на родовата еднаквост значително разнишани. - Многу жени ги загубија своите работни места и егзистенција. Бизнисите во сопственост на жени беа затворени, особено оние кои припаѓаат на микро и мали бизниси. Овие бизниси се главната егзистенција на голем дел од населнието во земјава и значително придонесуваат за економијата. Преку нивната работа со жените и девојките од РСМ, ЦУП создавајќи поволна бизнис клима за промовирање на родовата еднаквост преку еконосмско зајакнување на бизнисите предводени од жени, подобрување на статусот на жените и девојките, ги зајакнува стопанствата, демократиите и општествата насекаде, рече Стајн. Смета дека треба да се зголеми финансиската помош за бизнисите водени од жени. Присутните 35 жени занаетчики од Охрид, Битола и Скопје ги поздрави и градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, посочувајќи дека локалната самоуправа има стратегија за родова еднаквост, а во процес на изработка е и стратегијата за развој на женско претприемништво за Југозападниот регион. - Овие документи и искрената заложба на локалната самоуправа за вистинска рамноправност меѓу жените и мажите, за нас немаат алтернатива во заедничкото градење на нашата заедница и иднина. Верувам дека со завршните активности, а посебно со базарот на женската иновативност и вештини, во полн сјај ќе блесне вашата умешност и знаење, рече Пецаков. Учесничките на конференцијата вечерва на плоштадот во Охрид ќе ги претстават своите дела на „Базар на жени занаетчики“. сс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан