• среда, 25 декември 2024

Шулце: Треба да почнат подготовките за обнова на Украина

Шулце:  Треба да почнат подготовките за обнова на Украина

Берлин, 27 март 2023 (МИА) - Треба да почнат подготовките за обнова на Украина и за справување со штетите од војната, изјави германската министерка за економска соработка и развој Свења Шулце на заедничката прес-конференција со украинскиот амбасадор во Берлин Олексиј Макеев, јави ДПА.

„Секој кој верува во подобра иднина, кој работи за неа, ќе може подобро да ги преживее овие тешки времиња“, рече Шулце на претставувањето на интернет платформата чија цел е да помогне во воспоставувањето врска меѓу хуманитарните организации и приватниот сектор.

„Од искуството во работата за опоравување ширум светот, знаеме дека добрата подготовка е исклучително важна, така што итната помош да може да го надополни долгорочното закрепнување што е можно подобро и поефикасно“, додаде Шулце.

Платформата на централизиран сајт има за цел да биде контакт за сите што сакаат да придонесат за закрепнувањето, наведува ДПА.

„Штетата предизвикана од руската инвазија е огромна и моментално се проценува на 135 милијарди долари“, рече Макеев.

Тој додаде дека на Украина ќе и требаат повеќе од 400 милијарди долари, од кои „14 милијарди се потребни оваа година“.

Одговарајќи на прашање, Макеев рече дека Украина ќе обезбеди правилна употреба на средствата и ќе се бори против корупцијата. паг/

 

 

Остани поврзан