• четврток, 26 декември 2024

Шукова: Ќе се изработи Закон за заштита на почвите

Шукова: Ќе се изработи Закон за заштита на почвите

Свети Николе, 27 март 2024 (МИА) - Во близина на ветропаркот Богословец, светиниколско, денеска со симболично засадување дрвни садници беше најавена подготовката на Законот за заштита на почвата и големата акција за пошумување на значителни површини на екстремни и голи терени во државата.

Активностите, како што соопшти Министерството за животна средина, се спроведуваат во рамки на ГЕФ/УНЕП проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето, преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и обновување на најранливите планински предели подобрувајќи го управувањето со заштитените подрачја“.

Целта е  да се адресираат празнините не само во законодавната и институционалната рамка, туку и да се направат практични теренски напори за запирање и спречување на деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите на ефективен, социјално прифатлив и одржлив начин во рамките на избрани пилот локации.

Тоа ќе придонесе за воведување, тестирање и демонстрирање на нови методи и пристапи за борба против проблемите со деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите во нашата држава, велат од Министерството за животна средина.

- Свети Николе и оваа подрачје не случајно се избрани за денешната акција. Подрачјето на Свети Николе е едно од најаридните подрачја во Република Северна Македонија. Се одликува со оскудна природна вегетација, големи температурни екстреми, мали количини на врнежи и силни воздушни струења (ветрови), истакнала министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, потенцирајќи дека еден од најдобрите и најодржливи начини за заштита на почвата и борба со климатските промени е пошумувањето, т.е подигнувањето на нови шуми на поголеми површини.

Најавувајќи изработка на Закон за заштита на почвите, Шукова рече дека законот ќе утврди не само насоки за одржливи практики за управување со почвата, туку и ќе овозможи справување со деградацијата, ерозијата и загадувањето.

- Со поставување на јасни стандарди и регулативи, целиме да промовираме одговорно управување со почвата со што ќе обезбедиме здрав ресурс за производство на храна преку регулирањето на климатските услови и поддршката на одржливи прехранбени системи, рекла Шукова.

Во соопштението се наведува дека „ЈП „Национални шуми“ континуирано спроведува активности за пошумување низ целата територија на државата. На годишно ниво се пошумува површина од приближно 500 хектари.

- Активно се вклучуваме во компонентата за пошумување на овој проект.  Со тоа се интензивираат нашите активности и се засилуваат напорите за спречување на опустинувањето и деградацијата на почвите и земјиштето и се спречува ерозијата, потенцирала Маре Басова, помошник директорката во „Национални шуми“. 

Реализацијата на проектот е поддржана од Глобалниот еколошки фонд (GEF), Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) и Министерството за животна средина и просторно планирање како краен корисник и многубројни партнери меѓу кои и Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – ИПЕК. вдј/цр/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан