• среда, 25 декември 2024

Шукова: Со новата методологија, цената за услугата ќе се плаќа за произведено количество отпад

Шукова: Со новата методологија, цената за услугата ќе се плаќа за произведено количество отпад

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Новиот Закон за управување со отпад предвидува нова методологија за пресметка на услугата за отпад. Наместо да се наплаќа по основ на површина, односно по метар квадратен како досега, сега цената за услугата ќе се плаќа за произведено количество отпад, информира вечерва министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. 

Таа појасни дека само тоа што ќе треба да се депонира на депонијата ќе биде финално што ќе се наплаќа, а се друго ќе може да се преработува, односно да се рециклира. Цената, како што додаде, ќе ја утврдува Регулаторната комисија.

-Ќе одиме со предселекција, а не со класично собирање и депонирање на отпадот, тоа ќе се прави или на нивото на општините во зависност од тоа колку им се јаки комуналните претпријатија или ќе се прави во претоварните станици. Во рамки на секој регион ќе имаме неколку претоварни станици. Начелно ќе се обидеме да го намалиме количеството отпад кое ќе го депонираме во централните депонии, рече Шуковска во „Топ Тема“ на телевизија Телма.

Според Шукова, користењето отпад за енергија е табу тема во државава, а, како што соопшти, имало неколку иницијативи за инсталации за третман на отпад преку согорување.

-Реакцијата на граѓаните е лоша и имаат недоверба кон ова прашање заради тоа што мислат дека ќе се увезува отпад од надвор и ќе се гори во Македонија. Не е точно, бидејќи новиот Закон за управување со отпад кој е усогласен со директивите на ЕУ, забранува увоз на отпад за производство на енергија. Не може да увезете и да произведете енергија. Нашата земја не произведува големи количини на отпад, можеби заради тоа што сме по малку сите несовесни па е расфрлан отпадот и мислиме дека имаме големи количини, но за да имате економска оправданост за да горите ѓубре за производство на енергија требаат посериозни количини отпад, рече Шукова.

Државата, како што појасни, има добиено заеми за изградба на депонии во пет региони - Полог, Југозападен дел, Пелагонија, Југоисток и Вардарски регион. Министерството за животна средина веќе има подготвено документација според ЕУ стандарди за Полошкиот регион, каде централна депонија ќе биде Русино, но само за следните пет години, затоа што, како што истакна, оваа депонија нема капацитет да собира повеќе отпад над пет години.

Додаде дека со истиот тој заем ќе се работи паралелно и на депонии во Пелагонија и Југозападниот дел, каде централна ќе биде во општина Новаци, додека за југоисточниот и вардарскиот регион се уште немаат подготвена соодветна документација и на тоа се работи.

Она што најпрво ќе се обезбеди е основна инфраструктура, односно трансфер станици, централна депонија и опрема за општштините.

Проблемот со регионалните депонии, вели, е „сакам-не сакам во мојата општина“, конкретно за Источниот и Североисточниот регион.

-Имаме негодување од Општина Свети Николе, и тој проблем мора да го решиме, последниот правен лек е одземање на надлежноста на општината. Ако општината не сака да учествува во процесот, државата ќе и ги одземе надлежностите, процесот мора да продолжи, зборуваме за проекти од јавен интерес и локацијата е избрана врз основа на студија која правела истражување на повеќе локации, рече Шукова. мс/аа/

фото/Принтскрин Фејсбук

 

Остани поврзан