• сабота, 23 ноември 2024

Шукова: Саса е пример како треба да се инвестира во животната средина

Шукова: Саса е пример како треба да се инвестира во животната средина

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) – Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска го посети рудникот „Саса“ во Македонска Каменица, за кој во финална фаза е постапката за измена на А – Интегрираната еколошка дозвола, информираат од МЖСПП.

- Саса е добар пример како треба да се инвестира во животната средина и како со транзиција и примена на најдобрите достапни технологии може да се обезбеди одржливо искористување на природните ресурси и да се обезбеди економски бенефит, но не на штета на животната средина, истакна Шукова.

При посетата, министерката, од страна на дел од раководниот кадар на Рудник „Саса“, претставуван од техничкиот директор Борче Гоцевски, финансискиот директор Максим Наримбетов и раководителот на одделот за животна средина Марија Стојановска, беше информирана за промените во рамки на инсталацијата врз основа на кои е доставено барање за измена на А – интегрираната еколошка дозвола.

Како што информираа од Рудник Саса, во изминатите неколку години, во овој рударски капацитет интензивно се вложувало во различни области, вклучително и во животната средина. Капиталните инвестиции се во насока на развивање на безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на Рудник Саса и продолжување на „животниот век“ на рудникот.

- Во рамките на инсталацијата се имплементирани значителни промени во однос на унапредување на работните процеси со примена на најдобрите достапни технологии и сериозно се вложувало во обезбедување одржлив развој и унапредување на заштитата на животната средина, соопштуваат од МЖСПП.

Оттаму посочуваат дека, највлијателно е промената на методот на откопување со пополнување на празни простори, вклучително и промена на начинот на управување со флотациска јаловина.

- Тоа подразбира изградба на дополнители објекти потребни за имплементација на новиот проект, промена на начинот на управување со јаловината, изградба на низ нови постојки, како што се станица за подготовка на паста со придружни објекти и цевковод за транспорт на засипот, постројка за суво одлагање, реконструкција на магацин за опасен отпад, склад за отпад, нова погонска лабораторија и ред други, објаснуваат од Министерството.

Воведувањето на новиот метод на откопување на рудата и новиот начин на управување со јаловината, што се во согласност со најдобрите достапни технологии, според МЖСПП, ќе има повеќекратно позитивно влијание за натамошниот одржлив развој на рудникот САСА, одржување на високото ниво на безбедност, како и уште повисок степен на заштитата на животната средина. ир/aa/

Фото: МЖСПП

 

Остани поврзан