• сабота, 23 ноември 2024

Шукова: Општините да ги спроведуваат мерките против аерозагадувањето, Владата ќе помага за промена на системите за затоплување

Шукова: Општините да ги спроведуваат мерките против аерозагадувањето, Владата ќе помага за промена на системите за затоплување

Скопје, 3 јануари 2024 (МИА) –  Анализите се јавни и покажуваат дека 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но секако и од јавни институции кои не  користат еколошки системи за затоплување и таму интервенираме. Во 70-ина институции во наредните две години ќе ги замениме системите. Процесите не одат толку брзо, но тоа не значи дека треба да застанеме на овие 70, изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

На прес-конференција рече дека актуелните мерки за заштита од аерозагадувањето се краткорочни, а замената на системи за затоплување со еколошки е долгорочна мерка, но и долготраен процес почнат пред четири-пет години, во кој со одлука на Владата се доделуваат средства. Така што, рече, вакви системи веќе се воведени во поголемите здравствени установи и ќе им се помага на општините кои ќе достават барање и проект, и како пример посочи дека имаат од болницата во Гевгелија.

-Ги охрабруваме и општините, како што државата спроведува проекти во јавните објекти истото да го прават и тие во рамки на нивни можности, иако некои од нив им помагаат на домаќинствата со набавка на инвертери и замена на системи за загревање. Меѓутоа, и  секој од нас индивидуално треба да придонесе да се намали аерозагадувањето – да се горат суви наместо влажни дрва  и да не се додаваат разни материјали како паркети, пластика, гума..., рече Шукова. 

Веќе една година се прави мапирање и добиваат, рече, добри информации од сите општини. Во изминатите три години им било помогнато со катастари во кои се идентификуваат нивните загадувачи, а финансиски им помогнале и со подготовка на планови за воздух. 

-Така што, она што може да го прави државата - да им помогне на општините во идентификување на потенцијалните загадувачи – го прави, рече министерката и додаде дека општините треба да ги спроведат краткорочните и долгорочните мерки против загадување донесени од нивните совети. 

Посочи дека УСЈЕ и Макстил „се покажаа како одговорни компании“ зашто  ја почитувале препораката до поголемите индустриски капацитети со А-интегрирана дозвола  да го намалат своето производство во текот на зимските месеци кога има поголемо загадување. 

-УСЈЕ на 1 јануари ја исклучи едната печка, работи само со безмалку половина производство. Истото го направи и Макстил. Ремонтите на печките ги прават во зимскиот период. Обично ги правеа во летниот период, најверојатно е поекономично и полесно, но за да бидат општествено одговорни и да помогнат во намалување на загадувањето за овие две компании имам информација дека работат со помал капацитет. Ги поттикнуваме и сите останати колку што можат да го намалат производството, особено кога имаме денови со вакви пикови, рече министерката за животна средина. хс/аа/

Фото: принтскрин 

Остани поврзан