• четврток, 26 декември 2024

Шукова: Лично сум против рудници во државава, утре ќе бидам во Струмица за да ги слушнам граѓаните 

Шукова: Лично сум против рудници во државава, утре ќе бидам во Струмица за да ги слушнам граѓаните 

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изнесам мојот личен став јас сум исто така против нови рудници во државата. Јас сметам дека особено тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието, посочи Министерката за животна средина Каја Шукова. 

Министерката на денешната конференција за промоција на новиот Национален катастар за подземни води коментирајќи ги острите реакци на Струмичани по однос на најавите за отворање на нови рудници во овој крај, додаде дека изминатиот период Владата целосно била фокусирана на развојот на земјоделството и оцени дека тоа треба да остане приоритет и во иднина. 

-Точно е дека донесе Владата одлука за спојување на концесиите. Тие веќе беа две издадени концесии и со ова спојување немаше проширување на концесискиот обем.Јас сметам дека особено тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието. Државата тоа интензивно го прави и во изминатите години и ги поддржува земјоделците. Знаете сите дека имаме сто отсто успешна спроведена ИПАРД помош во државата и веќе почнуваме со третиот циклус. Мислам дека тоа треба да ни биде приоритет. Тоа е мојот личен став, изјави Шукова. 

Информира дека ќе биде присутна на утрешниот протест со цел да ги слушне граѓаните. 

-Кога зборуваме за овој процес, јас ќе се придружам, ќе бидам утре во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните. Сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата во координација и со премиерот и со другите министри ние повторно ќе ја разгледаме одлуката за спојување на двете концесии иако, повторно ќе кажам, дека тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, само значи административно спојување на две концесии. Мислам дека ние сме мала држава, мислам дека земјоделието навистина треба да ни биде приоритет и треба да бидеме многу внимателни кога даваме дозволи за експлоатација на индустрија, на тешко загадувачка индустрија, порача министерката.

Прашана за реакциите за студиите за животна средина кои не се објавуваат јавно, дека се тајна, Шукова рече не, посочувајќи дека не е пристигнато барање во Министерстото за отпочнување на постапка за оценка на влијание врз животната средина.

-Ако дојдеме до таа фаза она што можам да ви го кажам е дека многу сериозно ќе пристапиме на разгледување на студијата во зависност од тоа каков процес ќе биде понуден за евентуална експлоатација на руда во тој регион. Она што веќе го направивме во меѓувреме се консултиравме и со професори коишто работат на оваа проблематика начелно да имаме сознанија. Тешка загадувачка индустрија е и мислам дека треба сите вклучително и Владата да бидеме многу внимателни со овој процес, изјави Шукова. свс/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан