• четврток, 26 декември 2024

Шукова: Имаме четири планови за климатски промени со климатски сценарија и нивните влијанија врз сектори

Шукова: Имаме четири планови за климатски промени со климатски сценарија и нивните влијанија врз сектори

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Адаптацијата кон климатските промени значи преземање акција за планирање и прилагодување на сегашните и очекуваните влијанија на климатските промени. Како држава имаме изработено четири национални комуникации/планови за климатски промени во кои детално се анализирани климатски сценарија и нивните влијанија врз најзасегнатите сектори, со предложени мерки за ублажување на влијанијата во сите сектори. 

Ова го истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, обраќајќи се на завршната конференција на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, во организација на Центарот за климатски промени.

- Воедно, Министерството го подготви предлог Законот за климатска акција, кој беше неколкупати предмет на јавна расправа во текот на 2023 година, а покрај донесувањето на правната рамка, ни претстои долгорочна соработка меѓу националните и особено локалните институции во делот на спроведување на  мерките за прилагодување, академскиот сектор, како и меѓуресорска соработка – истакна Шукова, додавајќи дека на национално ниво, како мала земја ранлива од климатските промени, ќе посветиме посебни напори во донесувањето на долгоочекуваниот Национален план за адаптација, за чие идно спроведување ќе биде потребна дополнителна финансиска и техничка помош од донаторската заедница.

Директорoт на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, рече дека ризиците поврзани со природни непогоди и кризните влијанија од процесите на климатските промени, за жал имаат нагорен тренд, се почесто се случуваат и предизвикуваат штети и последици по животната средина, материјалните добра на државата, а не ретко се причина и за последици по здравјето и животот на граѓаните.

- Водејќи се од тоа, ЦУК посветува посебно внимание на исполнување на своите законски надлежности во делот на изработка и ажурирање на процените за загрозеност на безбедноста на подрачјата на општините, градот Скопје и Републиката. Овие активности се спроведуваат во организирана и координирана соработка со сите субјекти од системот за управување со кризи, на локално и национално ниво, нагласи Ангелов. бд/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан