• петок, 27 декември 2024

Шукова: Извидниците секогаш биле и ќе бидат многу важни партнери на МЖСПП

Шукова: Извидниците секогаш биле и ќе бидат многу важни партнери на МЖСПП

13 јули 2023

Во Ски центарот – Крушево денеска свечено беше отворена 13-та Македонска извидничка смотра која ќе се одржува до 21 јули под мотото „Достигни ги височините” и во која учество земаа повеќе од 1000 извидници од 16 држави од регионот, Европа и светот.

Настанот на секои пет години го организира Сојузот на извидници на Македонија и претставува најмасовен, едукативен, авантуристички и повеќедневен камп за деца и млади. Генерален покровител на извидничката смотра е претседателот на државата Стево Пендаровски, а логистичка поддршка обезбедува Армијата на Република Северна Македонија.

Министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова во своето обраќање на отварањето нагласи дека извидниците секогаш биле и ќе бидат многу важни партнери на Министерството за животна средина и просторно планирање, и дека се вклучени во сите активности на МЖСПП кои се посветени на заштита на природните вредности.

- Ви благодарам на сите, бидејќи не паметам кога последен пат имало толку многу позитивна енергија на една место. Во тој контекст ние целосно ќе ги поддржиме вашите активности, како што го тоа го правевме во изминативе две години. За нас сте важен партнер и заштитник на животната средина,  рече таа.

Министерството за животна средина и просторно планирање во изминативе  две години за прв пат ја издигна соработката со извидничките организации на повисоко институционално ниво. Потпишан e Меморандум за соработка и обезбедена e финансиска и логистичка поддршка на акцијата БОРЕНКА – нацртај го своето дрво, посветена на неформално образование за деца и млади во училиштата и младинските организаци и пошумување на опожарените површини во заштитените подрачја. Минатогодишните уништувачки пожари, особено во источниот дел на државата беа резултат на промените на климата и во извесен дел од несовесното однесување на човекот во природата. А свесноста и желбата на овие млади луѓе да се вклучат и да придонесат кон нивно обновување значи почит кон природата, кон сите луѓе  и кон самите себе.

Извидничките организации кај нас и во светот се меѓу најдобрите форми на враќањето на луѓето кон и поврзувањето со природата и од најмала возраст треба да им се даде можност на децата правилно да ја доживеат природата и да научат да живеат во хармонија со неа.

Смотрата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој честитајќи им го јубилејот на Сојузот на извидници на РСМ – 70 години од постоењето, им изрази целосна поддршка.

- Користејќи ги извидничките знаења, вештини и искуства, вие промовирате активизам и здрав живот кај младите. Вашите програми помагаат за интелектуален, психички, социјален и емотивен развој кај луѓето на млада возраст. Како една од невладините организации со бројно членство, придонесувате за квалитетно неформално образование, активно граѓанство и севкупен развој на заедницата - порача Пендаровски.

На настанот се обратија и евроамбасадорот Дејвид Гир, директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Валентин Груевски, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски и директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски.

За високите претставници и гости беше организирана тура низ кампот, каде имаа можност за неформално запознавање со извидниците и волонтерите од земјите - учесници на смотрата: С.Македонија, Белгија, Бугарија, Германија, Израел, Словачка, Србија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Италија, Романија, Шпанија, Швајцарија. 

 

Министерство за животна средина и просторно планирање 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан