• сабота, 23 ноември 2024

Шукова: Зелената трансформација е голем економски потфат (ДПЛ)

Шукова: Зелената трансформација е голем економски потфат (ДПЛ)

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) - Зелената трансформација претставува голем економски потфат и затоа една од главните цели на Европскиот зелен договор е да се обезбеди безбедна трансформација на посиромашните земји од високозагадувачки во екоодржливи, порача денеска министерката за животна средина Каја Шукова.

Министерката посочи дека поради тоа Владата ги следи препораките на договорот кој нуди ефикасна употреба на ресурсите со цел премин кон чиста циркуларна економија, меѓутоа во исто време и намалување на загадувањето.

-Денеска правиме една спојка помеѓу енергетиката и животната средина – колку е битно да вложуваме одржливо во енергетиката и на тој начин да ја заштитиме животната средина и тука ги следиме насоките. Она што оваа Влада го прави е секако промоција и инвестиции во одржливи извори на енергија. Тоа ни е потребно. Обновливи извори на енергија за да ги отстраниме  фосилните извори со време. Имаме високи амбиции во тој дел како држава. Рековме дека голем дел од фосилните горива ќе бидат вон употреба после 2030 година. Многу е битно да се вложува во обновливите извори на енергија, на тој начин и го намалуваме загадувањето, меѓутоа и ги заштитуваме нашите природни ресурси, рече Шукова на  панел- дискусија во Скопје рамки на владината кампања „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Според Шукова, членството во ЕУ ќе ни овозможи пристап до финансиски средства што државата не може самостојно да ги обезбеди.

-Станувало збор за големи и скапи инфраструктурни проекти со кои треба да се постават модерни системи за пречистување на водите, ќе се воспостават регионални системи за управување со отпад што се засноваат врз селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, ќе се обезбеди  финансиска и експертска поддршка во воспоставување на системите за одржливо управување со заштитени подрачја, но и во градење на човечки капацитети на локално и национално ниво. Главните придобивки од членството во ЕУ е што државата ќе обезбеди ресурси и експертска поддршка за обезбедување повисоки, современи стандарди на живеење на граѓаните, преку заштита на природните вредности, обезбедување чиста вода за пиење за секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии, пречистување на отпадните води, заштита на водните ресурси, почвата и воздухот, појасни министерката.

Додаде дека водењето грижа за обезбедување здрава животна средина и раст и развој кој нема да е на сметка и нема да ја нарушува животната средина  се законски определени преку механизмите за оценка на влијанието на планови, програми и проекти врз животната средина.

-Во делот на спроведувањето на вака поставените законски барања, надлежностите се поделени, како и надзорот врз нивното спроведување. Оттука, можам да констатирам дека не се работи за имање или немање консензус во реализирањето на зелената и европска перпектива, туку се работи за почитување или непочитување на закони. Лично сметам дека постои консензус, особено во делот на стратешкото планирање и интегрирање на прашањата за пониско-јаглероден раст и зелен одржлив развој во останатите секторски политики, како земјоделството, енергетиката, туризмот, водните ресурси, рече Шукова.

Државниот советник за енергетика во Министерството за економија Исмаил Лума, пак, посочи дека приоритетите на Министерството во овој дел и полтиките на ЕУ се однесуваат на целосна декарбонизација на енергетскиот сектор. За таа цел, според него, треба да се преземат неколку мерки и активности во делот на стратешките документи, промена на легислативата, воведување на нови мерки за да се стимулираат инвестиции...

Научниот соработник на Македонската академија на науките и уметностите и ескперт во областа на енергетиката и животната средина д-р Александар Дединец  посочи дека Зелениот договор и сите акти на ниво на Европската унија се од големо значење за нашата држава.

-И да не постоеше Зелениот договор и да не постоеа сите акти на ниво на ЕУ ние ќе требаше да ги измислиме, затоа што се како креирани за нас. Секоја држава има свои специфики, меѓутоа мислам дека Македонија и сите држави заедно имаат една заедничка карактеристика, а тоа е преголемата увозна зависност и сигурноста во снабдувањето со енергија. Македонија во последните 20 години ја има зголемено увозната зависност, ако велиме дека енергетиката е столбот на државата, тогаш еден од столбовите малку ни се ниша, оцени  Дединец.

Панел-дискусијата има за цел да информира за потребата од засилена енергетска транзиција и изградба на цврст и одржлив систем на енергија од обновливи извори – сонце, вода и ветер и да се анализираат и дебатираат придобивките за граѓаните од ЕУ интеграцијата на земјата во однос на животната средина и ефектите врз енергетската транзиција во државава.

Настанот се организира во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ насочена кон придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во Европската Унија за македонските граѓани. свс/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан