• четврток, 26 декември 2024

Штрковите се вратија во Ржаничино

Штрковите се вратија во Ржаничино

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Здружението за заштита на животните, „Анима мунди“ соопшти дека жители на Ржаничино им се обратиле и побарале помош бидејќи штрковите кои од топлите краишта се вратиле во селото, се оневозможени да свијат гнезда и создадат семејства, поради замена на старите бандери со нови бетонски столбови од страна на ЕВН.

- Стануваше збор за неколку пара од овие птици преселници, кои се вратија во родниот крај за да создадат подмладок, но, на новите бандери немаа како да свијат гнезда. Се обративме во ЕВН и побаравме нивна интервенција за да се заштитат, да се избегне нарушување на нивната биолошката динамика и избегнат низа опасности по птиците, особено малите штркови. Сакаме да информираме дека на барањето ни беше одговорено веднаш, а веќе по неколку дена проблемот беше решен, се појаснува во соопштението.

Како што додаваат од Здружението, во период од неколку дена, екипи на ЕВН дошле во селото и поставиле метални гнезда на сите посочени локации, а птиците веднаш слетале на своите стари локации за да прават нови гнезда.

- Оваа вест е важна за да ја охрабриме хуманоста секогаш и секаде, кон секое живо суштество, а воедно и да ја поттикнеме и засилиме општествената одговорност кон животните. Благодариме на жителите кои нѐ информираа, особено на господин Злате од Ржаничино кој ни ги обезбеди сите детали, како и на ЕВН кои овој проблем го согледаа веднаш и направија сѐ за да се надмине, нагласуваат од „Анима мунди“. бд/са/

ФОТО: „Анима мунди“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан