• четврток, 26 декември 2024

Штрајк во Грција за годишнината од железничката несреќа кај Темпи

Штрајк во Грција за годишнината од железничката несреќа кај Темпи

Атина, 28 февруари 2024 (МИА) – Под слоганот „Не забораваме“, Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција, за денеска закажа 24-часовен штрајк, на годишнината од железничката несреќа кај месноста Темпи во која животот го загубија 57 лица, но и за да ги истакнат нивните барања за зголемување на платите и дополнителни вработувања, јави дописничката на МИА од Атина. 

Штрајкот го поддржаа и низа федерации, помали синдикати, здруженија и сл., но и новинарите кои ќе имаат четиричасовен прекин на работата од 12 до 16 часот. 

Бродовите денеска остануваат закотвени на пристаништата, возовите на железничките станици, а иако беше најавен штрајк на контролорите на летање, а со тоа и откажани летови, сепак штрајкот доцна синоќа беше прогласен за незаконски и авиосообраќајот ќе се одвива нормално. 

Атина од вчера е без такси превоз поради 48-часовниот штрајк на таксистите, а денеска има проблеми и во јавниот превоз.

Метрото и трамвајот не функционираат, а автобусите и тролејбусите имаат неколкучасовен прекини во работното време. 

Во рамките на 24-часовниот штрајк планирани се и низа протести како во Атина, така и во другите грчки градови. ср/сд/

 

Остани поврзан